Во четвртфиналната пресметка, нашата женска селекција „Под 20“ години немаше сили за ново изненадување на шампионатот.
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 63:36
Словенките брзо почнаа да ја оправдуваат улогата на фаворит. Откако намаливме на (4:5), тргна нивната серија од (12-0) со која го затворија првиот период со веќе двоцифрени (17:4).
Долго време бевме без поени, пред да реализира Николиќ за (6:19), во 13.минута од играта. Цврстата одбрана на Словенија не ни даваше многу прилики за реализација.
На половина од втората четвртина Словенија имаше двојно поголеми (24:12). Слично беше и на полувремето, „сиромашно“ со поени (28:15).
Добра вест беше што бевме егал во тој дел од играта (11:11). Но повторно имавме голем број на загубени топки – 12, ниту една погодена тројка од десет обиди, како и десет скока помалку во однос на противникот (25 спрема 35).
Но, понатамошниот тек на настаните во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ не ни одеше во прилог. Словенките го засилија темпото, за разлика од првите две четвртини, во третата одиграа многу поефикасно во нападот. За кратко време стигнаа до убедливи и недостижни (45:19) како што беше резултатот на средината од третиот период.
Утре, во најраниот термин, од 14.15 часот, следува дуел за пласман од 5. до 8. место на евро-шампионатот во Скопје. За противник ја имаме селекцијата на Германија, која нешто порано, во изедначен меч загуби од Турција (62:68).
Во полуфиналето се пласираше и репрезентацијата на Израел, која во возбудлива завршница ја елиминира Грција откако славеше победа со (65:57). Нешто подоцна, од 21.часот. за последното место во првата „четворка“ ќе се борат селекциите на Црна Гора и на Норвешка.