Дуел на екипи кои веќе се „запознаа“ за време на подготовките кога во Подгорица одиграа две пријателски средби.
За жал, и третото, сега и официјално одмерување на силите и на квалитетот, им припадна на младите Црногорки кои победија и вечерва во Скопје.
ЦРНА ГОРА – МАКЕДОНИЈА 98:54
Мошне рано (без помошта на Матеа Николиќ и Ана Цветковска кои останаа на клупата за резервни играчи) влеговме во двоцифрен дефицит во дуелот со фаворитот во групата „Ц“. По нецели седум минути, Црна Гора поведе со (21:11). А тој прв дел од натпреварот гостинките го затворија со исто водство, (25:15). Во голема мерка поради одличниот скок, Црногорките имаа скоро двојно поголем број на скокови уште во првата четвртина (19 спрема 11, половина од нив беа офанзивни) во која Елена Тасевска реализираше осум поени.
Наместо во серија на поени, во втората четвртина влеговме во серија на грешки, и тоа оние основните, во додавањата, дури 11 за неполни 16.минути игра во кои Црна Гора со серија (15-3) се одвои на големи (40:18). Со серијата од 19. поени по ред, гостинките стигнаа до уште поубедливи (46:18), на полувремето пак беше највисоки, (51:22).
Затоа пак третата четвртина, напаѓачки гледано, беше и најдобрата за нашите девојки. По одморот заиграа многу подобро во офанзивата, симнаа дел од високата негатива. За помалку од осум минути постигнавме колку за цело прво полувреме – 22.поени!
Но Црногорките брзо ја вратија, би се рекло, онаа „стандардна“ разлика, по три одиграни периоди водеа со недостижни (72:44).
Па по три одиграни кола во групата „Ц“, Македонија има ефект (1-2), додека Црна Гора со три победи, во исто толку натпревари, е веќе во четвртфиналето.
Утре навечер, во истиот термин, од 18.45 часот, повторно во салата на СРЦ „Кале“, нашата женска младинска селекција игра против Романија, со што ќе биде комплетиран првиот, групен сегмент од Европското првенство во Скопје.