На премиерниот меч на првенството во Скопје, одлична игра и победа на нашата женска селекција „Под 20“ години. Освен почетокот, се друго беше на страна на Македонија во натпреварот против Косово.
КОСОВО – МАКЕДОНИЈА 69:83
Одличен почеток во нашата селекција имаше Селцова, која реализираше десет поени за исто толку минути на првиот меч за нашата женска младинска репрезентација на шампионатот во Скопје.
Од друга страна, Рахмани и Враничи ни зададоа најголеми проблеми во нападот (реализираа 15 од 20.поени за Косово во првата четвртина која гостинките ја добија со (20:16).
Во продолжението Николиќ и Секуловска почнаа да погодуваат, доволно да имаме само поен негатива (23:34), по нешто повеќе од три минути игра во втората четвртина. Серијата на поени за нашата селекција ја продолжи Тасевска, доволно да ни донесе минимална предност (26:24).
Недолго потоа, имавме и највисоко водство (34:27). Но влеговме во проблеми со реализација на слободните фрлања, па на полувремето водевме со (34:29). Погодивме само осум од 20. „пенали“, за среќа ни противникот не беше нешто подобар (9/20 од таа позиција).
Тасевска беше втората „двоцифрена“ во нашата селекција, даде десет поени, исто колку и Селцова.
По петте по ред поени на Николиќ, на почетокот на второто полувреме, Македонија за првпат имаше и двоцифрено водство (39:29). Но противникот брзо одговори со своја серија од (11-2) по која дојде на „половина поен“ заостанување, (40:41). Но Николиќ имаше поинакви размислувања.
Со нови пет поени (вкупно 16), и помош од Секуловска, го вративме она двоцифрено водство (51:40) како што беше резултатот на семафорот во СРЦ „Кале“ во 27.минута. За момент Косово се доближи на -10 (45:55), но тројката на Секуловска со звукот на сирената ни донесе нова сигурност, за (58:45) по три одиграни четвртини.
Тоа донесе уште поголема самодоверба кај нашите кошаркарки, кои по втор пат во текот на мечот имаа „вишок“ од 15.поени (69:54), по четири минути игра од последната делница.
Матеа Николиќ беше прво име во нашата селекција. Реализираше 26.поени, имаше и девет скока. Но имаше одлични соработнички во нападот во Секуловска, која реализираше 19.поени, Селцова која уфрли 17 (и пет скока), и Тасевска која даде 14.поени.
На вториот ден од шампионатот во нашиот главен град, нашата женска селекција „Под 20“ е слободна. На 11. јули (понеделник), исто така од 18.45 часот, во СРЦ „Кале“, играме против репрезентацијата на Хрватска, која денеска во натпревар од оваа група „Ц“, загуби од Романија (54:79).