Фаворитот за највисоки места на ЕП од Дивизијата „А“, селекцијата на Шпанија, го оправда тој епитет во дуелот со нашиот кадетски состав.
ШПАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 86:59
На „црвената фурија“ и беше потребно едно одлично полувреме, она првото, за да обезбеди висока позитива која успеа да ја сочува до самиот крај и да стигне до втората победа, и позиција по одигрувањето на првата, групна фаза од првенството во Скопје.
Премногу резервирано, и евидентно со преголем респект кон противникот ги одиграа тие први 20.минути избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ. Како да беа преимпресионирани од величината на ривалот, што и се рефлектираш на играта во првото полувреме.
Имавме сериозни проблеми, особено во оние офанзивни активности. Не успевавме да му парираме на разиграниот противник, кој уште по првата четвртина реализираше позитива од 16.поени (27:11).
Нешто слично се одвиваа работите и во вториот дел од играта. Тешко поентиравме, за разлика од Шпанците кои до крајот на полувремето изградија веќе недостижни (48:22).
Малку поинакви и далеку позитивни за нас беа работите во второто полувреме. Кога заиграа без притисок, и со многу поголема енергија нашите кадети видоа дека може да му парираат на фаворизираниот шпански состав. Во егал се играше во третата делница од натпреварот, последен од групата „Д“ на турнирот.
Дадовме двојно повеќе поени, во една четвртина како во претходните две. Но и противникот немаше намера да попушти, за крајни (70:44).
Слично се одвиваа работите и во последната. Шпанија ја одбрани убедливата предност од првото полувреме, и завршува како второпласирана во нашата група, зад Грција која има максимални (3-0).
Македонија ја финишира првата фаза со скор (1-2) и место број 3, кое во наредниот куг од натпреварите, оние осминафиналните, за противник ни ја носи селекцијата на Турција, која е на позицијата два во групата „Б“ со која вкрстувме во вториот елиминациски круг.
Победа во тој натпревар, значи и најмалку осмо место на шампионатот кој го организираме. Пораз пак нè носи во неизвесна завршница и битки за опстанок во друштвото на најдобрите кадетски селекции во Европа.