Нашиот кадетски тим имаше предност и од 17.поени во текот на втората четвртина. Добар дел од позитивата го загубивме, но успеавме да се одбраниме од нападите на Црна Гора, доволно за да дојдеме до особено важна победа на отворањето на Европското првенство од Дивизијата „А“ во Скопје
ЦРНА ГОРА – МАКЕДОНИЈА 62:69
Нашите кадети одлично го отворија премиерниот меч од Евро-шампионатот во Скопје. Максимално ангажирано, особено во одбраната. Не му дадовме „лесни поени“ на противникот. По десет минути имавме солидни (15:12), кои со серија од седум поени во првите две од втората четвртина ги покачивме на двоцифрени (22:12).
По тројката на Јаничиќ, во 13.минута од играта имавме уште повисоки (25:14). За дополнителна нервоза кај црногорскиот селектор кој доби и техничка грешка, за ние да имаве двојно поголеми (28:14). Новата тројка која дојде од Јаничиќ, го натера и на тајм – аут (31:14). Делумно и успешен затоа што кадетите на Црна Гора успеаја да го спуштат резултатот на едноцифрен (25:36).
Но кога требаше, непсоредно пред звукот на сирената за крај на полувремето, Зетов погоди за три, и постави сосема солидни (38:26).
Првата половина од третата четвртина, Црна Гора ја одигра подобро. И ја преполови нашата позитива. Во 27.минута бевме во плус од само два поени (46:44), откако противникот парцијално направи (18-8) во тој дел од натпреварот во СРЦ „Кале“.
Празниот поентерски период на нашата селекција го прекина Стојковиќ, за (48:44). Тој беше и вториот наш играч со двоен број на поени (11), по ефектот на Зетов, изразен со десет реализации во неполни три четвртини.
Тој дел од играта сепак го завршивме со позитивен резултат (51:48). Само како најава дека последните десет минути ќе бидат и тоа како важни, а на крајот се претворија и во драматични.
Во последната минута влеговме само со еден поен предност (63:62). А по тајм-аутот кој го зема селекторот на Црна Гора, потегот на вечерта го имаше Зетов. Ја погоди клучната тројка, која на Македонија и ја донесе и првата победа на првенството во Скопје.
Црногорците потрошија уште една минута за советување, без ефект, затоа што Јаничиќ го казни нивниот нереализиран обид за три поени, постави недостижни (67:62), а ги потврди за (69:62) и голем стартен триумф во групата „Д“ во која вечерва од 21.часот играат Шпанија и Грција.