Машката јуниорска селекција на Македонија загуби од Хрватска во натпреварот кој одлучуваше која од овие две селекции ќе заврши на 13.позиција, последната која носи играње во „А“ Дивизијата и на наредниот собир на најдобрите играчи во конкуренција „Под 18“ години.
Избраниците на селекторот Тони Симиќ имаа одредени периоди на добра игра, но на крајот тоа се покажа како недоволно за да се стигне до целта – со победа да се затвори учеството во јуниорската елита која во изминатите девет дена се натпреварува(ше) во Измир.
ХРВАТСКА – МАКЕДОНИЈА 72:59
Сосема добра прва четвртина одиграа нашите јуниори во мечот на одлука. Во десет минути обезбедија предност од четири поени (19:15).
Но по добриот увод во натпреварот, следуваше сериозен пад, особено во играта во нападот. Доброто шутерско отворање (три тројки на Бошалески и две на Димитриевски) „црвено-жолтите“ не го продолжија.
Имавме сериозни проблеми во реализација на нападите. Постигнавме само седум поени во втората четвртина. Хрватска пак дојде до 20. поени, и комплетно преземање на водството. Несфатливо одигравме од 14 до 20.минута. Шест минути во кои нашето водство од (25:21), „коцкестите“ со серија од (14-1) го свртија во свое.
На полувремето, противникот водеше со високи, со оглед на прикажаното на теренот, (35:26).
За кратко, затоа што по паузата, македонските јуниори ги дочекаа своите минути во кои успеаја да го вратат водството на своја страна. Погодуваа Симиќ и Димитриевски, од далечина, а по првата реализација на Шошкиќ, во 24.минута, Македонија поведе со (39:38).
Но и тоа не беше со долг „рок на траење“. Наместо да продолжат во ист стил, избраниците на Симиќ, влегоа во серија на грешки, доволно противникот да ја врати предноста која ја имаше на полувремето.
По три одиграни четвртини, Хрватска беше поблиску до опстанокот, водеше со (54:46). Кога веќе ја обезбедија таа прендост, противниците не ја испуштија до крајот. Немавме доволно енергија за уште еден играчки „камбек“ во овој пресуден меч кој ја постави нашата јуниорска селекција на 14. место во Европа.