11.08.2025

Една силна, трета четвртина. беше доволна за противникот да дојде до победа (61:56)

ЕП ДИВИЗИЈА Б „ПОД 16“ МАЖИ – СКОПЈЕ: Кадетите без победа, загубија и од БиХ

Машката кадетска репрезентација на Македонија забележа уште еден пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Скопје.

По доброто прво полувреме, нашите млади кошаркари одиграа под очекувањата во третиот период. Успеаја да ја стигнат негативата, но во последните, нецели пет минути од средбата останаа без реализација. Доволно за Босанците да направат пресврт и да победат.

МАКЕДОНИЈА – БИХ 56:61

Доста неефикасно се играше во првото полувреме од средбата во СЦ „Јане Сандански“. А во тие „услови“ нешто подобро се снајдоа нашите кадети кои по 20.минути од играта имаа минимално водство (28:26).

А по одморот, избраниците на селекторот Нермин Пепиќ, застанаа, му дозволија на противникот да се стекне со солидно водство, кое по три одиграни четвртини изнесуваше осум поени (48:40).

На почетокот на последниот дел, Македонија успеа и да премине во водство. Макар и минимално (51:50) кога поентираше Чучанов.

А потоа следуваше уште еден сериозен пад во играта во нападот. Повеќе од четири минути, оние на одлука, останавме без поентирање од игра. Босанците одново се одвоија, со серија од (10-0) дојдоа на недостижни (60:51), кога останаа 73 секунди до крајот.

„Невозможна мисија“ за нашиот кадетски тим кој го впиша и четврттиот пораз на првенството на кое е во улога на домаќин. Далеку најдобаар поединец во нашата репрезентација беше капитенот Ѓиноски, реализираше 21.поен, имаше и седум скока, но за жал, беше и единствениот со двоцифрен број на реализации.

Во последното петто коло од оваа група „Б“, утре вечер, од 18.30 часот, Македонија ќе игра против Словачка.