По младинската, потоа и јуниорската, ова лето дојде редот и на кадетската репрезентација на Македонија да покаже каков потенцијал, квалитети енергија има за настап на едно Европско натпреварување.
Од 7. до 16. август, Македонија ќе биде домаќини на евро-шампионатот во кадетска конкуренција.
Селекторот на репрезентацијата „Под 16“ години, Нермин Пепиќ потенцира неколку битни моменти пред почетокот на Европското првенство од Дивизијата „Б“.
„Генерално сум задоволен од подготовките. Најбитно е дека екипата е комплетна, немаме повредени играчи и сите се спремни да го дадат својот максимум. Исто така ми е особено важно играчите да бидат максимално мотивирани, и да не ни недостасува желбата за победа бидејќи играме на домашен терен и пред нашата публика. На сите нас треба да ни е јасно дека е гордост да се бранат боите на Македонија, и дека репрезентацијата е над сите. Само така, заедно сплотени можеме да обезбедиме што е можно подобар пласман“ – вели селекторот на нашата кадетска репрезентација.
Пепиќ вели дека знаат доста работи за ривалите во групата, но оние дополнителните ќе следуваат во текот на шампионатот, кој ќе се игра во двете сали на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
„Имаме информации за противниците. И иако тоа не се некои звучни репрезентации, можам да кажам дека сите располагаат со некаков квалитет и секој натпревар очекуваме да биде неизвесен“- дополнува Пепиќ пред стартот на првенството кое е во организација на нашата федерација.
СИСТЕМ ЗА НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Без некои промени, би се рекло стандарден, кога станува збор за овие натпреварувања.
Селекциите се поделени во четири групи (две со пет, и две со шест) од кои првопласираните две од секоја група ќе обезбедат пласман во ТОП 8 фазата, односно онаа преку која ќе се бараат идните учесници на ЕП од Дивизијата „А“ во оваа возрасна категорија.
Во вториот дел кој почнува на 14.август, ќе се играат елиминациски натпревари според системот (А1-Б2, Д1-Ц2, Б1-А2, Ц1-Д2). Четирите победници во четвртфиналето, обезбедуваат пласман во полуфиналето, поразените ќе разигруваат за пласман од 5. до 8. место.
Националните тимови кои првата фаза ќе ја завршат на третото односно на четврттото место ќе играат за пласман од 9. до 16. место, додека пак оние кои ќе бидат петто односно шестто пласирани ќе разигруваат за позициите од 17 до 22.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
Нашата машка кадетска репрезентација ќе го почне натпреварувањето на овој евро-шампионат на 7. август (четврток), од 18.30 часот, кога во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, следува натпреварот против селекцијата на Кипар.
Наредниот ден, на 8. август, во истиот термин, Македонија ќе игра против селекцијата на Ирска. Во „нашиот“ термин, на 9.август, за противник ја имаме репрезентацијата на Полска.
По еден ден одмор, на 11.август, нашите кадети ќе ги одмерат силите со селекцијата на Босна и Херцеговина, во натпреварот кој е закажан исто така од 18.30 часот, а оваа прва фаза од првенството во Скопје ќе ја затвориме на 12.август, кога Македонија игра против репрезентацијата на Словачка.

НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ
ГРУПА А: Шведска, Велика британија, Португалија, Црна Гора, Австрија;
ГРУПА Б: МАКЕДОНИЈА, Словачка, БиХ, Полска, Ирска, Кипар;
ГРУПА Ц: Холандија, Данска, Исланд, Хрватска, Украина, Косово;
ГРУПА Д: Белгија, Унгарија, Чешка, Бугарија, Норвешка;
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ГРУПА Б
7. АВГУСТ (ЧЕТВРТОК)
16.00: Ирска - Словачка
18.30: Кипар – МАКЕДОНИЈА
18.30: БиХ - Полска
8. АВГУСТ (ПЕТОК)
13.30: Словачка - БиХ
13.30: Полска - Кипар
18.30: МАКЕДОНИЈА - Ирска
9.АВГУСТ (САБОТА)
13.30: БиХ – Ирска
16.00: Кипар – Словачка
18.30: Полска – МАКЕДОНИЈА
10. АВГУСТ – СЛОБОДЕН ДЕН
11. АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)
11.00: Ирска - Кипар
18.30: МАКЕДОНИЈА – БиХ
21.00: Словачка – Полска
12.АВГУСТ (ВТОРНИК)
13.30: Кипар - БиХ
18.30: Австрија – Холандија
18.30: Словачка - МАКЕДОНИЈА
*Натпреварите ќе се играат во двете сали на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје
МАКЕДОНИЈА „ПОД 16“ НА ЕП ДИВИЗИЈА „Б“ ВО СКОПЈЕ
0. Павел Ѓиноски бек 192 СБА Мадрид (Шпанија)
3. Дино Беговски центар 203 Телеком Бон (Германија)
4. Михаил Анѓеловски бек 178 Водно Санс
6. Александар Сотир крило 195 Елче (Шпанија)
7. Давид Рајковски бек 183 Вардар
8. Теон Бошковски бек 183 Вера Алмерија (Шпанија)
10. Стефан Илиев бек 185 Работнички
11. Христијан Божиновски бек 178 ИБА баскет
15. Димитар Сисирковски центар 205 МЗТ Скопје Аеродром
17. Марко Солев центар 200 ИБА баскет
19. Лука Чучанов крило 201 Кожув
22 Дион Шабани центар 198 Црн Дрим
СТРУЧЕН ШТАБ НА МАКЕДОНИЈА
СЕЛЕКТОР: Нермин Пепиќ
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Тео Митевски
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Александар Костадиновски
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Виктор Калевски
ФИЗИОТЕРАПЕВТ: Розета Ристовска
ДОКТОР: Ана Атанасова