08.08.2024

На „отворањето“ на првенството, нашата селекција „Под 16“ реализираше убедлив триумф (96:68), по ден пауза, следува дуел со Шведска

ЕП–„ПОД 16“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“-СКОПЈЕ 2024: Доминантен почеток на македонските кадети, на премиерата многу подобри од Украина!

Онаму каде што пред некоја вечер, застанаа јуниорите, денеска продолжија кадетите...

Победнички...

Машката кадетска репрезентација на Македонија со одлична игра во текот на сите 40.минути, стигна до прва, и убедлива победа во премиерниот натпревар од групата „Д“ на Европското првенство од Дивизијата „Б“, против Украина.   

УКРАИНА - МАКЕДОНИЈА             68:96

Македонските кадети го отворија првенството во Скопје онака како што очекуваа...

Фуриозно, од самиот почеток одиграа избраниците на селекторот Александар Јованчев, јасно ставајќи му на својот прв ривал во групната фаза – Украина, дека нема што да бара на овој натпревар.

Уште во воедните десет миниути Македонија обезбеди двојно поголемо водство (28:14).

Со таквата игра продолжија и во вториот, во кој и онака високата позитива ја зголемија на (49:28).

Апсолутно ништо не се промени ниту по оној дел од натпреварот во кој двете селекции беа во соблекувалните, да се одморат од првите 20.минути во кои публиката во СРЦ „Кале“ виде апсолутна доминација на македонските кадети.

Не попуштија нашите млади кошаркари и во оној трет сегмент од натпреварот. По поентирањето на Цветковски, во средината на овој период, Македонија имаше и плус од 29. поени (65:36).

Но она што беше уште поважно за нашиот стручен тим е што во поентирањето, во оние офанзивни активности, учествуваа повеќе играчи.  

Во тие 25. одиграни минуити, веќе имавме дури четворица „двоцифрени“ кошаркари (Цветковски, Данев, Ефтимовски и Терзиевски).

Некоја минута подоцна, имавме и уште повисоки (70:38), како најава за првиот успех на шампионат.  

Цветковски беше прв поентер во нашата кадетска селекција, реализираше 22.поени (три скока и две асистенции), Данев дојде до дабл-дабл скор, изразен со 14.поени и 11.скока (плус и пет асистенции). Терзиевски финишираше со 11.поени, Ефтимовски имаше 10, исто колку што даде и Стојановски (имаше и четири скока).

По првиот триумф, утре е слободен ден за нашата селекција „Под 16“ години. А веќе на 10.август (сабота), следува натпреварот против селекцијата на Шведска, закажан е за 18.30 часот, а ќе се игра повторно во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.