Голема победа, вредна, веројатно и место во четвртфиналето вечерва остварија нашите кадети во дуелот со силната селекција на Шведска.
Им требаа дополнителни пет минути на избраниците на селекторот Александар Јованчев во кои успеаја да исправат сето она што го испуштија во последната четвртина од регуларниот дел од натпреварот.
МАКЕДОНИЈА – ШВЕДСКА 75:74
Машката кадетска репрезентација на Македонија чекори кон четвртфиналето на ЕП од Дивизијата „Б“ во Скопје.
По Украина, пред налетот на нашите репрезентативци „Под 16 “ години „падна“ и репрезентацијата на Шведска. Макар и во продолжението од пет минути во кое бевме за еден, но „злато вреден“ поен.
Можеби требаше да го решиме прашањето околу победникот уште во регуларниот дел од мечот во СРЦ „Кале“.
Имавме игра, имавме резултат по три одиграни четвртини (61:54), но некако „закочивме“ во онаа последната, која требаше да биде решавачка. Им дозволивме на квалитетните Швеѓани да направат серија од (10-1), со која дури и преминаа во водство (64:62), по што натпреварот доби нота на драматичен.
Бевме во негатива (66:67) на влезот во последните две минути, пред Цветковски да погоди едно слободно фрлање за егал, (67:67). Останаа да се доиграат 49.секунди во кои двете селекции имаа свои шанси за победа, но резултатот остана непроменет.
Во екстра периодот, кога беше најпотребно, стигна тројката на Нешовиќ, со која поведовме со (74:71). Драматиката доживеа кулминација кога Молемарк, со „два плус еден “ игра донесе нов нерешен скор, (74:74), а за доигрување останаа само 22. секунди.
Во нив, Ѓорѓевиќ доби шанса, односно две слободни фрлања. Не го погоди првото, но беше прецизен во второто, за наш „минималец“ (75:74). Во оние пет преостанати секунди се одбранивме, шутот на Новаковиќ не беше прецизен.
Доволно за големо славење во СРЦ „Кале“, Македонија направи голем чекор во обидите да биде четвртфиналист на овој шампионат.
По овој втор триумф, утре е уште еден слободен ден за нашата селекција „Под 16“ години. А веќе на 12.август (понеделник), следува натпреварот против селекцијата на Естонија, закажан е за 18.30 часот, а ќе се игра повторно во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје,а влогот во тие 40.минути е првото место во групата.
Во овие 45, Цветковски застана на бројката од 20.поени, одлично издание на Ѓорѓевиќ, чиј кош беше победнички, вкупно 16. за него (плус седум сока и шест асистенции). Ист број на реализации – 16, дојдоа и од Терзиевски, додека Нешовиќ со многу важната тројка, дојде до десет поени.