16.08.2024

Славеа кадетите со минимални (70:68), утре вечер следува финалниот меч за пласман на 9.место во крајниот поредок

ЕП–„ПОД 16“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“-СКОПЈЕ 2024: Македонија ја „помина“ и Португалија!

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја оствари и петтата победа на првенството во Скопје. Но таа, за жал, е „доволна“ избраниците на селекторот Александар Јованчев да се борат „само“ за деветтото место на ова ЕП во Скопје.

Вечерва имавме одлично прво полувреме во кое креиравме предност од 15.поени против Португалија, што на крајот се покажа како доволно за продолжение на серијата на успешни игри и победи.

ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 68:70

Одлична прва четвртина реализираа нашите кадетски репрезентативци. Ја решија во своја корист со (21:14). Данев и Ѓорѓевиќ реализираа по шест поени, Нешовиќ имаше еден поен во тој воведен период од натпреварот.  

Ништо не променија нашите кадети и во вториот... Напротив, притиснаа уште повеќе, особено во оние офанзивни дејности. Како поминуваа минутите, така растеше и предноста, која на полувремето изнесуваше сигурни, високи 15.поени (45:30).

Ѓорѓевиќ со 14, и Нешовиќ со 13. поени го диктираа темпоот во нападот на нашата селекција во првото полувреме.

Португалија беше подобар ривал во второто полувреме. Но нашата селекција „Под 16“ години успеа да ја сочува таа висока предност стекната во првите 20.минути од натпреварот.

Ѓорѓевиќ и Нешовиќ искомбинираа 42.од крајните 70. поени за Македонија, која на последниот ден од првенството, утре, ќе се бори за пласман на деветтата позиција. Противник во мечот кој стартува од 19.часот, ќе биде подобриот од дуелот Унгарија-Велика Британија кој започнува од 21.часот.