18.08.2024

Во финалниот натпревар, селекцијата на Естонија беше подобра од Романија (76:71), Македонија заврши како десеттопласирана

ЕП–„ПОД 16“- MAЖИ-ДИВИЗИЈА „Б“-СКОПЈЕ 2024: Пехарот и златните медали за Естонија, во „А“ дивизијата одат и Романија и Швајцарија

Кадетската репрезентација на Естонија е победник на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ кое вечерва на посебна церемонија беше затворено во Скопје.

Тимот од Балтикот го задржа беспрекорниот скор кој го имаше во изминатите десетина дена од турнирот во нашиот главен град.

Во последниот, финалниот натпревар, Естонија беше подобра од селекцијата на Романија, славеше со резултат (76:71), и апсолутно заслужено стигна до победничкиот трофеј, и златните одличја.

Овие две репрезентации, заедно со онаа на Швајцарија, која во „малото финале“, односно натпреварот за третото место, беше подобра од Белгија (80:75), се изборија и за промоција во Дивизијата „А“ во наредниот циклус од евро-шампионатите во младинскиот сегмент.  

Репрезентацијата на Македонија со скор од пет победи и два порази, го зазема десеттото место во конечниот поредок

 

 

Естонецот Роман Авдејев е најкорисниот играч на првенството

Кошаркарот од репрезентацијата на Естонија, Роман Авдејев ја доби главната поединачна награда на шампионатот.

Авдејев доби најголем број на гласови од жирито во кое се селекторите на репрезентациите присутни на првенството во Скопје.

Естонецот ја предводи и идеалната петорка на шампионатот...

А во неа се најде место и за Црногорецот Ѓорѓе Ѓукановиќ, потоа Арон Она Ембо од Белгија. Елајџа Ребетез (Швајцарија), и Давид-Јоан Расога, најдобриот играч на репрезентацијата на Романија.