20.07.2020

Ова ќе биде еден прв официјален кошаркарски настан во текот на овие неколку месеци пауза предизвикани од смртоносниот вирус

Естонците со „летни тестови“ на „Балтик Купот“ во Талин

Како дел од одбележувањето на „100 години кошарка“ во Естонија, националната федерација на Естонија на крајот на оваа недела ќе организира силен меѓународен турнир.

Од 24. до 26.јули во „Саку Сурхал“ Арената во Талин, ќе се игра „Балтик Купот“, на кој учество, покрај селекцијата домаќин, ќе земат и репрезентациите на Литванија и на Летонија.

Со оглед на законсите регулативи во Естонија, поврзани со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, организаторите најавија дека во салата во Талин ќе може да бидат присутни најмногу 1.500 гледачи. Согласно со тоа и билетите (од 14.90 до 69.90 евра) ќе бидат во доста ограничен број.

Ова ќе биде еден прв официјален настан во текот на овие неколку месеци пауза предизвикани од смртоносниот вирус, а кој ќе има и меѓународен карактер.

Согласно со распоредот, првиот меч, на 24. јули (петок) од 19.30 часот, ќе играат Естонија и Литванија. Следниот ден, во исто време, ќе се сретнат Летонија и Литванија, додека турнирот ќе биде затворен во недела, исто така од 19.30 часот (по локално време), со дуелот Естонија-Летонија.

Засега нема официјална потврда на играчкиот ростер на селекцијата на Естонија, нашиот противник во квалификациите за Евробаскетот 2021 година.