31.07.2020

Овојпат со помала разлика во однос на првата проверка на гостински паркет, (67:75)

Естонија загуби и по втор пат од Финска

Втор натпревар на гостински терен и втора загуба запишаа кошаркарите на Естонија. Избраниците на Јука Тоијала се поразени уште еднаш од селекцијата на Финска, навистина, сега со доста помала негатива (67:75) во однос на првата проверка на овие две репрезентации.

Но Финците ни покажаа како треба да се игра против нашиот противник со потекло од Балтикот, а со кого во ноември во Талин, ќе ја биеме веројатно и одлучувачката битка за пласман на Евробаскетот во 2021 година.

И со доста подмладен состав, на Финците повторно им беше потребна една добро одиграна четвртина. Онаа третата, во која по израмнетото прво полувреме (34:34) стигнаа до убедлива предност (59:47), која ја одбранија во последната четвртина.

Натпревар во кој Кер Криса даде 14.поени, Крегор Хермет 13, а Сандер Раиесте 11.поени и уште девет скока.

По овој пораз Естонците стигнаа до половичен резултат на овие мини подготовки во кои одиграа четири натпревари. Ги победија првите два, со Литванија (92:85) и Летонија (84:67), а загубија во двата меча на гостувањето во Финска (76:97 и 67:75).