29.02.2020

ЕУРО НИКЕЛ 2005 НАПРАВИ НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ, И ГО СТИГНА ГОСТИВАР

Гостиварци имаа и предност од 15.поени во 23.минута од играта во салата „Јасмин“...

 

Но тоа не беше доволно за победа во Кавадарци, слават домаќините голема кам-бек победа, и делба на позицијата број 2 на табелата.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ГОСТИВАР           83:69

(18-19; 15-23; 20-17; 30-10)

Гостите го отворија мечот во „Јасмин“ со три последувателни тројки, една од Димчевски и две на Костоски.

Минимално беше и водството на гостите по десет минути (19:18).

Серијата од (11-2) по нецели четири минути од втората четвртина го донесе Гостивар до двоцифрено водство (30:20).

Во тој прв дел од играта, кавадарчани имаа слаб шут од далечина (1/7 за три поени). Втората ја реализира Петровски, на 50. секунди пред истекот на полувремето, за да намали на (33:40).

Но Костоски реализираше од линијата за слободни фрлања, и постави (33:42) на семафорот пред двете екипи да заминат на големиот одмор. Период од играта во кој токму Костоски, со 13.реализации беше единствениот кој ја надмина двоцифрената бариера кај гостинската екипа, додека на другата страна, кавадаречката, во таа улога беше високиот Каплановиќ, реализатор на 12.поени (6/8 од поле).

Странскиот „трилинг“ на Гостивар, Армстед-Доналдсон-Џелетовиќ „се појави“ на почетокот на третиот период, во кој за три и пол минути изгради предност од 15.поени (53:38).  

Но, кавадарчани најдоа одговор. Во наредните три минути  се вратија на -7, (50:57) и го натераа тренерот на гостите, Марјан Србиноски да потроши еден тајм-аут.

Еуро Никел 2005 ја продолжи својата серија, и дојде на пет поени негатива. Но Костоски ја прекина за (59:52).

Сепак, првите седум поени во последната четвртина беа за домашниот состав, за потполн егал, (59:59). И најава дека Еуро Никел 2005 и дефинитивно се врати во мечот во кој имаше и минус од 15.поени.

Кавадаречката серија во која „се вградија“ Караколев, Марзет и Соколов, траеше и до (18-4) за водство од пет поени (71:63) на шест минути до крајот.

Петмина домашни кошаркари веќе беа со двоцифрен број на поени, како што тоа го посакуваше нивниот тренер Горан Самарџиев.

Серијата без крај ги однесе и на (75:63), а гостиварци не знаеја како да го погодат кошот на противникот, скоро пет минути. И станаа само на оние четири поени од Џелетовиќ. Од тој удар не се опоравија, па сега добија уште еден конкурент во трката за местото број 2 на табелата пред Суперлигата.  

Комплетна статистика од мечот, ТУКА