25.01.2020

Еуро Никел 2005 сигурен против Академија ФМП, на ’најтрофејните’ им требаа две продолженија да го ’искачат’ Пелистер

Кавадарчани брзо го исправија киксот од претходното коло, со победа на гостувањето кај Академија ФМП (68:59)...

 

Со победа, и тоа доста сигурна се враќаат кошаркарите на Еуро Никел 2005 од гостувањето во Скопје, поточно во мечот со екипата на Академија ФМП. Освен во првата четвртина, се друго беше на страната на тимот кој го предводи Горан Самарџиев.

АКАДЕМИЈА ФМП - ЕУРО НИКЕЛ 2005         59:68

(19-18; 18-22; 7-15; 15-13)

Во доста израмнета игра протекнаа првите десет минути од средбата во „Независна Македонија“. Макар што Академија ФМП беше во постојано водство, но не поголемо од пет поени (18:13) како што беше во седмата минута од играта. Ништо повеќе од тоа, затоа што кавадарчани стигнаа до поени негатива, (18:19) на истекот на првата четвртина.А на почетокот на втората, по тројката на Николиќ и атракцијата на Каплановиќ, поведоа со пет поени (26:21).

Извонредниот процент на реализација за три поени (7/12 или 58%), го донесе Еуро Никел 2005 до уште повисоки (32:25), по заслуга на одличниот Бакоч, кој веќе имаше 11.поени (3/4 за три).

На другата страна „недостатокот“ на поени од Харис, донекаде го надополнија неговите сонародници, Лонг и Блантон со по осум реализирани поени. А влегувањето на Стојановски пак донесе дополнителна живост во офанзивата на „пантерите“.Токму Стојановски и Лонг го вратија домашниот тим „назад во игра“, а го натераа Горан Самарџиев, практично во само две минути да ги потроши и двата „тајм-аути“. Јасно и поради што, во 18.минута, на семафорот стоеше резултат (35:36), односно само поен позитива за неговата екипа.

Нешто поголема (40:37),  беше пред заминувањето на големиот одмор.

По новата реализација, по Бакоч и Соколов, со 12.поени, високиот Каплановиќ стана третиот „двоцифрен“ играч во гостинската екипа, која по 25.минути игра, водеше со (48:41).Србинот делуваше незапирливо за противничката одбрана. И самиот го креираше најубедливото водство за Еуро Никел 2005 од (55:44) забележано на истекот на 30.минута.

Така беше и во последната делница од мечот. Каплановиќ ја продолжи својата доминација во рекетот, и го чуваше гостинскиот тим на солидно „растојание“, најчесто двоцифрено.

Како во 34.минута кога беше (60:49) во корист на екипата од Кавадарци.

Комплетната статистика од мечо,т одигран во салата „Независна Македонија“ во Скопје, ТУКА.
 

На најтрофејните им беа потребни две продолженија за да стигнат до деветтиот триумф оваа натпреварувачка сезона, настрадаа битолчани...

Пелистер – Работнички 110-115
26-27, 28-17, 13-29, 27-21, 16-21


Црвено-белите од скопската општина Центар запишаа втора победа во низа откако на денешниот натпревар во рамки на тринаесеттото коло беа подобри од домаќините Пелистер среде Битола. На избраниците на Димитар Мираковски им беа потребни две продолженија за да ги надиграат упорните битолчани кои ’не се даваа’.

Работнички беа предводени од упорниот Лескаулт, кој запиша 43 поени зад своето име, Мијатовиќ кој придодаде 23 поена, двоцифрени беа уште и репрезентативците Николовски (14) и Ефремовски (12).
Кај домаќинот, извонреден настап во дресот имаше Јетмир Зеќири со дабл-дабл ефект од 28 поена и 10 скока, Мекиќ (25), Думиќ (22) и уште Казарновски (18) додадоа своцифрен број на поени.

Актуелниот шампион се врати на победничките патеки, совладано Куманово...

Куманово 2009 – МЗТ Скопје Аеродром 60-73
21-23, 16-21, 9-17, 14-12

Актуелниот шампион се врати на победничките патеки и без многу осцилации во играта успеа да го запише десеттиот триумф со кој се задржува како лидер на табелата по тринаесет одиграни натпревари оваа натпреварувачка сезона.

Бојан Крстевски беше најрасположен за игра во сино-белиот дрес со 20 поени, Николов и Милошевиќ уфрлија по 13.  За кумановци, тоа беа Јанески (11), Марковски (15) и Црниќ (15).

„Четири“ во низа за гостиварци

 

Гостивар – Вардар 77-68

21-17, 14-16, 24-21, 18-14

Марјан Србиноски ги предводеше своите кошаркари до четвртиот триумф во низа. Со полна пареа лидерот на табелата (делба со МЗТ Скопје Аеродром) ита кон финишот на овој регуларен дел од натпреварувачката сезона.

Се чинеше како да резултатот ќе заврши во полза на гостинскиот тим, судејќи по стартот на натпреварот. Вадарци земаа ’залет’, а старо-новиот играч Провел сакаше да ја демонстрира својата доминација на теренот. На сетоа тоа гостиварци брзо му ставија крај откако се ’налути’ Џелетовиќ и уфрли 13 поени во кошот на гостинскиот состав. Водството прејде во корист на домашниот тим, а потоа беше сведен на рутина.

До крајот на натпреварот, расположениот Џелетовиќ уфрли уште осум поени, Доналдсон запиша 18, Тасовски -11 поени зад своето име.

Кај Вардар, најрасположен за игра беше Славчо Темелковски со дабл-дабл ефект од 15 поени и 15 скока. Њувеш и Провел запишаа по 17 поени, Дамјан Робев го заврши натпреварот со 19 поени.

Целосната статистика од денешните натпревари е достапна на насловната страница на КФСМ.