Овој 39. по ред, Европски шампионат, ќе се одржи во две држави, Израел и Словенија, односно во главните градови, Тел Авив и Љубљана.
Вкупно 16. национални селекции поделени во четири групи, ќе се борат за европската титула во женскиот сегмент.
Тел Авив ќе биде домаќин на групите „А“ и „Б“, додека пак Љубљана ќе ги нагости осумте селекции кои се дел од групите „Ц“ и „Д“.
Љубљанската Арена „Стожице“, ќе биде местото каде ќе се играат и оние елиминациски натпревари од четвртфиналето, полуфиналето, и оние мечеви кои носат медали.
Системот за натпреварување вели дека, првопласираните репрезентации од четирите групи обезбедуваат директен пласман во четвртфиналето. Второ односно третопласираните пак ќе разигруваат за место во осумте најдобри кои ќе играат во четвртфиналето.
Дополнителна „тежина“ на овој турнир му носи и податокот дека петте најдобри ќе обезбедат и пласман на женскиот олимписки квалификациски турнир од оваа европска зона на ФИБА.
Шпанија е прв фаворит за титулата
На ден пред почетокот на овој шампионат, прогнозите велат дека селекцијата на Шпанија е прв фаворит за освојување на титулата.
Аналитичарите велат дека Шпанките имаат екипа која игра најдобра одбрана дека и во случај да закаже нападот, тие се подготвени да победуваат и со помал број на поени...
Французинките се веднаш зад нив. Сакаат среброто од претходниот шампионат да го преточат во нешто, не би имале ништо против да бидат и златни, а со ростерот со кој дојдоа на ова ЕП, извесно е дека ќе имаат што да кажат, и да дојдат до последниот меч на турнирот.
Србија го брани пехарот, освоен пред две години, но во исклучително променет состав.
Иако желбите се исти, се чини дека четата на Марина Маљковиќ овојпат многу потешко може да направи една „долга прошетка“, дури и до финалето. Но, се разбира, никогаш не треба да се отпишува селекција која има две злата за краток временски период.
Зад оваа тројка во ТОП 5 е и репрезентацијата на Белгија, нашиот противник во квалификациите, со силна играчка „логистика“ (Алеманд, Месеман, Ванло, Линскенс) подготвена, како и секогаш, во псоледните години, да се вмеша во битката за медалите.
Како и Италија, која иако не играше многу „контролни натпревари“, сепак, е селекција која исто така, може пријатно да изненади, и да дотурка, барем до полуфиналето.
ТОП 10 играчи во Тел Авив и Љубљана
ФИБА ги најави и имињата на десетте кошаркарки поради кои вреди да се „одгледа“ овој шампионат.
На листата на фановите се најдоа Ема Месеман и Џули Алеманд (Белгија), Марија Конде (Шпанија), Сесилија Зандаласини (Италија), Таира МекКован (Турција), Теја Облак (Словенија), Теми Фагбенл (Велика Британија), Александра Црвендакиќ (Србија), Валериен Вукосављевиќ (Франција), Марија Фасула (Грција)...
ЕВРОБАСКЕТ-ЖЕНИ - ИЗРАЕЛ/СЛОВЕНИЈА 2023
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ПРВО КОЛО – 15. ЈУНИ (ЧЕТВРТОК)
11.15: Црна Гора – Грција (А)
12.15: Словачка – Унгарија (Д)
14.00: Италија – Чешка (Б)
15.00: Турција – Србија (Д)
17.15: Белгија – Израел (Б)
18.00: Велика Британија – Словенија (Ц)
20.00: Летонија – Шпанија (А)
20.45: Германија – Франција (Ц)
НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ
ГРУПА А: Црна Гора, Летонија, Шпанија, Грција
ГРУПА Б: Белгија, Италија, Чешка, Израел
ГРУПА Ц: Германија, Велика Британија, Словенија, Франција
ГРУПА Д: Србија, Словачка, Турција, Унгарија