23.03.2021 Ненад Димитријевиќ и соиграчите пропуштија шанса да му го нанесат првиот пораз на големиот фаворит за титулата во Еврокупот (75:80). Кошаркарите на Хувентуд долго ќе жалат за она што го пропуштија вечерва на гостувањето во Болоња. Имаа Ненад Димитријевиќ и соиграчите шанса да му го нанесат првиот пораз на Виртус во сезоната од Еврокупот. Беа игра до последната минута, но на крајот загубија со (80:75) и топ-фаворитот поведе со 1-0 во серијата од четвртфиналето. Одлична прво полувреме имаа кошаркарите на Хувентуд. Го изненадија фаворизираниот противник во сите аспекти на играта. И оној плус од три поени (44:41), беше премал во однос на случувањата на теренот во Болоња. Полувреме во кое Ненад Димитријевиќ беше девет минути во игра, и ги реализираше сите шест поени на оваа средба (0/2 за три, 2/5 за два и 2/2 за еден поен). До крајот, нашиот репрезентативен бек одработи 18.минути во кои додаде три асистенции, и четири загубени топки.