Екипите на Хувентуд и Бург вечерва одлучуваа кој од нив ќе заврши на првото место во групата „А“во првата фаза од Еврокупот. И паралелно со тоа, како ќе „влезат“ во ТОП 16 фазата на второто според квалитет, европско клупско натпреварување.
Во заостанатиот меч од 7.коло, кој претходно беше одложен поради присуство на Ковид-19 во редовите на францускиот претставник, Хувентуд-Бург (90:75).
Ненад Димитријевиќ не почна во првата петорка. Но тоа не му посмета да одигра доста добар меч кој го заокружи со 13.поени (1/2 за три, 3/5 за два и 4/4 за еден поен). А за 22:44 минути во игра додаде и пет асистенции, два скока, една освоена и три загубени топки.
Со скор (8-2) Хувентуд заврши како првопласиран во оваа група. И во втората фаза ќе биде дел од новоформираната група „Е“ во која се уште две француски екипи, Монако и Нантер, и една од Шпанија, нивниот добар познаник, Уникаха од Малага.