Три мечеви и три победи во групата „А“ од Еврокупот имаат Хувентуд и Ненад Димитријевиќ. Вечерва, во Истанбул беа подобри од Бахчешехир, славеа со (91:72), за задржување на максималниот ефект, и првото место во групата.
Ненад Димитријевиќ се најде во првата петорка на Хувентуд на ова гостување на Босфорот. Иако не ги погоди првите два обиди, младиот македонски репрезентативец го направи тоа во наредните два. До истекот на првата четвртина, за пет минути во игра, запиша и три успешни додавања, а неговата екипа оствари скоро двојно водство од (28:16).
Високото водство практично го „натера“ тренерот на шпанската екипа да го „одмори“ Димитријевиќ на клупата, па во вториот период од играта за нецели три минути бекот на Хувентуд имаше уште еден неуспешен обид за два поени, но и нови три асистенции за вкупно шест.
И двоцифрена предност за гостите на одморот, (50:40).
Во продолжението, уште подобро функционираше двоецот Димитријевиќ-Томиќ. Сите „нафрлени“ топки од Македонецот, искусниот Хрват ги стави во противничкиот кош. Хувентуд „побегна“ на плус 19 (65:46), а Димитријевиќ го запиша својот десетти поен.
Во финишот на третата четвртина, со неколку добри одбрани, и со серија (11-2), домаќините симнаа добар дел од негативата (57:67). Но со нови осум поени во серија гостите од Шпанија го одбија тој напад. По 30.минути игра, водеа со убедливи и недостижни (75:57).
За 20:27 минути во игра, нашиот репрезентативец беше блиску до дабл-дабл ефект. Реализираше 13. поени (1/2 за три, 4/7 за два, и 2/2 за еден поен), осум асистенции. Имаше и две освоени, и три загубени топки.
Во наредното, 4. коло од Еврокупот, на 20. октомври, Хувентуд е домаќин на Умана Рејер Венеција.