Можеби застанаа во „Ендеса“ лигата, но не и во Еврокупот. Без грешка играат Ненад Димитријевиќ и неговиот Хувентуд во Европа. Доказ плус за тоа е и четвртата победа во Еврокупот. Во победничката низа е запишан и успех против италијанската Рејер Венеција (92:78).
Ненад Димитријевиќ не се најде во стартните пет на тренерот Карлес Дуран, но со неговото влегување во игра, Хувентуд успеа да се врти од резултатската негатива, да изедначи на (36:36) во средината на втората четвртина. За кратко време во игра реализирше шест поени (три успешни продори во противничкиот рекет), а имаше и едно додавање и еден скок за тие осум минути во игра, која беше доста израмнета.
На полувремето, резултатот беше во егал, (45:45).
Нашиот репрезентативец се врати во игра пред крајот на третиот период. Имаше едно незгодно „пролизгување“ по паркетот, за среќа, без последици.
До крајот на овој натпревар стигна до ефект од 14. поени (0/2 за три, 5/7 за два и 4/6 за еден поен). Бекот на Хувентуд имаше и два скока, една асистенција и две загубени топки за 18:53. минути во игра.
Во петтото коло на Еврокупот, составот од Бадалона ќе има уште еден сериозен испит. На 28. октомври е на гостување во Казан, во дуелот против Уникс.