20.10.2021

Нашиот репрезентативец со одлично издание, 16.поени во победата над германскиот Улм Ратиофарм (86:79)

ЕВРОКУП: Вајли е иднината на Будуќност

Би се рекло и побрзо од очекувањата, а по големата пауза, Џејкоб Вајли почна да ја враќа онаа репрезентативна форма. На вечерашното гостување во Улм, кај Ратиофарм, нашиот репрезентативец прикажа одлична партија, со која во голема мерка му помогна на Будуќност да стигне до прв триумф во новото издание на Еврокупот.

Славеше составот од Подгорица со (86:79), но повеќе од тоа радува извонредното издание на крилниот центар на црногорскиот првак. За 25:25 минути во игра, Вајли реализираше 16.поени, со одлична реализација во шутот од поле (7/11 за два) и максимални 2/2 од линијата за слободни фрлања. А освен тоа додаде и три скока како стартер во тимот на Александар Џикиќ, кој во второто коло од „Б“ групата во ова натпреварување, следната седмица, на домашен терен, ќе игра против Валенсија, екипата на уште еден наш репрезент, Ненад Димитријевиќ.

Бурсаспор, каде во улога на асистент-тренер е нашиот стручњак, Мирко Петрески, вечерва загуби на домашен терен од еден од топ фаворитите, Виртус Болоња (83:101).