Вечерва, во Валенсија, се играше супер-дербито на 13 коло од Еврокупот. Гостуваше екипата на Виртус од Болоња, еден од топ-фаворитите за освојување на пехарот во ова второ, според квалитет, европско натпреварување.
Иако гостите од Италија имаа постојано водство, некаде во средината на последниот период, „портокаловите“ со помош на Клемен Препелич, и неговите поени во серија, се изборија за пресврт А на 1:20 секунди пред крајот водеа со (73:70), серијата ја продожија, дојдоа и до (77:70). На крајот за (25-9) во тој дел од играта, доволно да дојдат и до голема победа (83:77) во која свој удел имаше и нашиот интернационалец Ненад Димитријевиќ.
Младиот Македонец одигра нешто повеќе од 14.минути. И притоа, бекот на Валенсија реализираше осум поени (2/7 за два и 4/4 за еден поен). Имаше и пет успешни додања за тоа време поминато во игра. По ова 13.коло екипата од Валенсија има ефект (9-4) доволен за втората позиција на табелата во групата „Б“ од Еврокупот каде води Гран Канарија (скор 9-2).