03.06.2021

Каталонскиот тим славеше сигурен триумф (75:51) против Стелазура во првото коло од завршниот турнир во Валенсија

ЕВРОЛИГА: Барселона прејака за Стелазура, мал број на минути за Симиќ, уште помалку за Боцевски

Младите кошаркари на Барселона со победа од (75:51) над италијанската Стелазура го отворија завршниот турнир од јуниорската Евролига кој стартуваше денеска во Валенсија.

Екипата од „Блауграна“ славеше убедлива победа, но македонскиот центар Теодор Симиќ не одигра голем број на минути на овој премиерен меч од турнирот во „Ла Фонтета“ во Валенсија. Сепак, и за тоа кратко време во игра, Македонецот во тимот од Каталонија реализираше шест поени (1/1 за три и 1/3 за два и 1/2 за еден поен). Имаше и три скока и две додавања, сето тоа за нецели десет минути поминати во игра на овој прв натпревар на турнирот во Валенсија.

На другата страна уште еден роден Македонец, сега со српско државјанство, Дино Боцевски одигра 04:17 минути за екипата од Рим. Но без особен ефект ако не се земат во предвид еден скок, и една лична грешка.

Во вториот меч од групата „Б“ од турнирот, ќе се сретнат екипите на Валенсија и Мега Сокербет од Белград.

На првите средби од групата „А“, францускиот Асвел беше убедлив против белградска Црвена Ѕвезда, славеше победа од (83:68), додека Реал Мадрид го победи Жалгирис со сигурни (79:65).

Во второто коло од групната фаза, Барселона утре, од 15.часот, игра против екипата домаќин на овој собир – Валенсија.