15.10.2020

Под притисок на јавноста, но и незадоволните клубови, модифициран е членот 6 во Дисциплинскиот правилник

Евролига се предомисли: Нема службени порази од 20:0 за неодиграните натпревари

Новиот бран на пандемијата на коронавирусот во Европа, сериозно влијае на сите спортски натпревари. Посебно на удар се Евролигата и Еврокупот, а веќе на самиот почеток изгледа дека пропаѓа планот „А“ кој го најави првиот човек на овие натпреварувања, Жорди Бартомеу.

Првобитната идеја беше дека, доколку некој тим не може да обезбеди осум играчи за одигрување на натпревар по позитивните тестирања на коронавирус, истиот ќе го загуби со службени 20:0.

А веќе по две одиграни кола во сериозна невоља се најдоа најмалку два тима во Евролигата, Зенит и Асвес. Тука би влегол и Химки (едвај скрпи екипа од осум играчи), додека истото се однесува за францускиот Бург кој се натпреварува во Еврокупот.

Со оглед на тоа дека добар дел од натпреварите на овие тимови се веќе регистрирано со службен резултат, а смирување со актуелната ситуација засега нема, уследија голем број на забелешки на постоечкиот „закон“ на Евролигата.

Поради тоа, главното тело на Евролигата и Еврокупот одлучи да направи модификација во членот 6 од Дисциплинскиот правилник, и наместо мерката „службен резултат“ да се воведе нова – да се пронајде термин за одигрување на истиот натпревар, или пак сите тие натпревари да се водат како суспендирани.  

Исто така, шестте мечеви кои се веќе откажани, нема да бидат регистрирани со резултат 20:0, а оние кои се игра, тој резултат ќе се поништи, а ќе бидат префрлени во некој друг термин за одигрување.