11.02.2020

ЕВРОЛИГАШКИТЕ ПОВАЖНИ ОД ФИБА ОБВРСКИТЕ: Русите без Алексеј Швед во квалификациите!

Павел Антипов, Антон Астапкович и Иван Стребков се новите имиња на списокот на Сергеј Базаревич...

 

Тројца играчи од првичниот список на селекцијата на Русија, двајца од Химки и еден од Зенит, клубови кои се дел од Евролигата, нема да му бидат на располагање на селекторот Сергеј Базаревич за двата квалификациски натпревари во февруарскиот циклус на ФИБА, објавија од Руската кошаркарска федерација.

Најголемиот удар за Базаревич дефинитивно ќе претставува неиграњето на најдобриот руски кошаркар во овој момент – Алексеј Швед.

Швед и Вјачеслав Зајцев, исто како и Дмитриј Кхвостов, се носителите на играта на Химки, односно Зенит, два клуба кои во тој пеирод (од 20. до 23. февруари) имаат обврски кон Евролигата.

Па со одлука на стручниот тим, дојде до измени во списокот на кој се додадени уште тројца нови кошаркари.

Како замена за оваа „тројка“ доаѓаат тројца играчи на Њижњи Новгород. бекот Иван Стребков, и крилата Павел Антипов и Антон Астапкович.

Интересно е дека на списокот на Базаревич, барем засега, остануваат имињата на играчите кои доаѓаат од редовите на московска ЦСКА, третиот евролигашки клуб од Русија.

Календарот на Евролигата пак вели дека на 20, односно на 21.февруари, на програмата се мечевите од 25.коло во кое во првиот термин, Зенит ја дочекува Алба, а Химки гостува во Милано. А следниот ден „црвената армија“ е во Белград, на дуел со Црвена Ѕвезда.

Теоретски сето тоа изгледа дури и изводливо. Но само за вториот меч, токму оној против нашата селекција кој е предвиден да се одигра на 23. февруари.

Инаку, според планот, Русите ќе тренираат во Њижњи во периодот од 16. до 19. февруари по што летаат за Неапол, каде на 20.февруари ги чека дуелот со селекцијата на Италија.

Три дена подоцна, во Перм, на 23. февруари, следува дуелот со нашиот национален тим.

СПИСОК НА 24. ИГРАЧИ НА СЕЛЕКЦИЈАТА НА РУСИЈА:

БЕКОВИ: Евгениј Бабурин, Максим Григорјев, Денис Захаров, Дмитри Кулагин, Михаил Кулагин, Григориј Мотовилов, Андреј Сопин, Виталиј Фридзон, Иван Стребков

КРИЛА: Семен Антонов, Никита Балашов, Евгениј Валиев, Андреј Воронцевич, Андреј Зубков, Станислав Иљницки, Сергеј Карашев, Никита Михајловски, Владислав Трушкин, Павел Антипов, Антон Астапкович

ЦЕНТРИ: Џоел Боломбој, Артем Забелин, Владимир Ивљев, Артем Клименко