Со синоќешните три натпревари од Еврокупот, и официјално стартуваше новата сезона од натпреварувањата кои ги реализира „ЕКА“.
Непосредно пред официјалниот почеток во второто, и најквалитетно натпреварување – Евролигата, своите размислувања со медиумите ги сподели првиот човек, Жорди Бартомеу.
„Имаме план ‘Б’, но многу повеќе ни се допаѓа нашиот план ‘А’. Во моменталното опкружување тешко е да се донесат одлуки кои би им одговарале на сите, затоа што некои клубови играат со навивачи, другите пред празни трибини. Како и да е, ние сме подготвени на сè. Имаме неколку резервирани сали во кои може да се одиграат натпреварите, а постојат и неколку опции во распоредот доколку некои мечеви мора да бидат откажани. Може да се случи и делегираните судии за одреден меч да бидат променети во последен момент“ - потврди Бертомеу.
Ако работите со и околу пандемијата од КОВИД-19 ескалираат, или отидат во погрешна насока, Евролигата има решение и за таква ситуација.
„Мислам дека оваа година сите ќе се сретнеме со некои работи на кои не сме навикнале, и не сме ги виделе во претходните сезони. Ако ситуацијата стане апсолутно критична, спремни сме сезоната да ја завршиме во ‘балон’. На едно такво сценарио бевме подготвени и минатата пролет, во мај. Но главна причина зошто не се случи тоа беше неможноста на тимовите да се движат помеѓу државите, а поради проблемите со авио сообраќајот Подготвени сме за најлошото, но се надеваме на најдоброто“ - порача претседателот на Евролигата пред почетокот на новата сезона предвиден за 1. октомври.