Во 31. финале, екипата од Аеродром влегува со многу повеќе трофеи, но тоа во серијата која стартува во недела навечер, не мора да знаќи дека е пресуден фактор.
Во недела навечер (18.часот), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе стартува финалната серија од плеј-офот. По јубилеен, 30. пат во 31. првенствена сезона, ќе се одлучува кој ќе биде новиот шампион.
Македонија чека на новиот кошаркарски првак, но низ финалната серија, „подобар од пет“ натпревари, одговор на тоа прашање ќе ни дадат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Пелистер.
МЗвТ Скопје Аеродром ќе атакува на десеттиот, а Пелистер на првиот шампионски трофеј
Двата финалисти ги поминаа двете плеј-оф пречки, четвртфиналната и полуфиналната.
„Металците“ се без пораз во доигрувањето.
Им беа потребни само по две победи да ги елиминираат своите ривали. Во четвртфиналето беа подобри од гевгелиски Кожув, а многу потешка задача имаа во полуфиналето, против вечниот опонент, Работнички. Но исто така и оваа серија беше решена во само два од евентуалните три мечеви.
Од друга страна пак „пелистерци“ запишаа пораз во четвртфиналната серија со Феникс 2010, на гостински терен во Скопје. Но се „поправија“ во т.н. „мајсторка“ пред својата публика во салата „Боро Чурлевски“, преку која обезбедија место во полуфиналето.
А таму беа доста посигурни во дуелите со ТФТ Mozzart. Им беа потребни само две победи на „пелистерци“ за втора година по ред да го предизвикаат МЗТ Скопје Аеродом во битките за шампионската титула.
Што велат оние историски факти за големото финале кога станува збор за двете екипи финалисти кои ќе се борат за шампионскиот пехар?
*За МЗТ Скопје ова ќе биде вкупно 17. финална серија...
*По единаесетти пат по ред „сино-белите“ ќе играат во серијата за шампионскиот трофеј
*МЗТ Скопје (Аеродром) има по девет победи и седум порази во финалето
*Сите седум порази на МЗТ Скопје се во дуелите со Работнички
*Првата шампионска титула МЗТ Скопје ја освои во сезоната 2011/2012 кога беше поуспешен од екипата на Фени Индустри (4-1 во финалето)
*Пелистер атакува на својата прва шампионска титула
*Ова ќе биде втора финална серија помеѓу овие два клуба низ историјата
*Работнички е нашиот најтрофеен клуб, има 15.титули во 30.сезони
*Прваци на нашата држава биле уште и екипите на Никол Ферт од Гостивар и Струмица, Фени Индустри...
ИСТОРИЈАТ
Досегашни шампиони на Македонија - мажи
СЕЗОНА 1992/1993 Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 1993/1994: Работнички – Кочани Деликатес 3:2
СЕЗОНА 1994/1995: Работнички – Кочани Деликатес 4:3
СЕЗОНА 1995/1996: Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 1996/1997: Работнички - Жито Вардар 4:2
СЕЗОНА 1997/1998: Работнички – МЗТ Скопје 3:2
СЕЗОНА 1998/1999: Работнички – МЗТ Скопје 3:2
СЕЗОНА 1999/2000: Никол Ферт – Работнички 3:2
СЕЗОНА 2000/2001: Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 2001/2002: Работнички – Куманово 4:2
СЕЗОНА 2002/2003: Работнички - Поло Трејд 3:0
СЕЗОНА 2003/2004: Работнички – МЗТ Скопје 4:1
СЕЗОНА 2004/2005: Работнички – Вардар 4:2
СЕЗОНА 2005/2006: Работнички – Вардар 4:1
СЕЗОНА 2006/2007: Струмица – Работнички 4:1
СЕЗОНА 2007/2008: Фени Индустри – Струмица 4:3
СЕЗОНА 2008/2009: Работнички – Фени Индустри 4:2
СЕЗОНА 2009/2010: Фени Индустри - Вардар Осигурување 4:3
СЕЗОНА 2010/2011: Фени Индустри – Работнички 4:1
СЕЗОНА 2011/2012: МЗТ Скопје Аеродром – Фени Индустри 4:1
СЕЗОНА 2012/2013: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув 4:0
СЕЗОНА 2013/2014: МЗТ Скопје Аеродром - Работнички 3:1
СЕЗОНА 2014/2015: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 3:0
СЕЗОНА 2015/2016: МЗТ Скопје Аеродром - Куманово 3:1
СЕЗОНА 2016/2017: МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 3:2
СЕЗОНА 2017/2018: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 3:0
СЕЗОНА 2018/2019: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 3:0
СЕЗОНА 2019/2020: не беше прогласен шампион
СЕЗОНА 2020/2021: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 3:0
СЕЗОНА 2021/2022: МЗТ Скопје Аеродром - Пелистер 3:1
СЕЗОНА 2022/2023: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер ???