Без разлика каков ќе биде епилогот во серијата за титулата, МЗТ Скопје Аеродром веќе го обезбеди пласманот во десеттото финале во низа и му се доближи на апсолутниот рекордер Работнички.
Екипата од Аеродром е убедливо најдобра во македонската кошарка последната деценија, но ќе треба така да продолжи за да го стигне и претекне градскиот ривал.
*Работнички се уште го држи рекордот за најмногу финалиња во низа во домашниот плејоф.
Таа серија траеше 15 сезони, од 1993 до 2007 година, период кога Работнички беше неприкосновен во македонското првенство и освои 13 титули.
Во тој период само Николферт и Струмица успеаја да го запрат во финалето, а првпат во серијата за титулата Работнички не влезе во 2008 година кога Фени Индустри беше подобар со 2-1 во полуфиналето.
*До моментов, слична е ситуацијата со МЗТ Скопје. Во последните десет сезони (без 2019/20 која беше прекината поради корона), тимот од Аеродром постојано играше во финалето, а само еднаш беше поразен и тоа токму од Работнички, во 2018 година.
*Најтрофејниот македонски клуб има и најголем број учествува во финалните серии – вкупно 20. За МЗТ Скопје претстојното финале ќе биде 16. во историјата.