02.06.2022

Само еднаш во досегашните 29. сезони (без 2019/2020 поради корона-ситуацијата) се случило во финалето да нема екипа од главниот град.

ФАКТИ ЗА ФИНАЛЕТО: За прв пат во историјата ќе се игра финале и во Битола

Пелистер го оствари најголемиот успех во клупската историја со пласманот во финалето од Првата лига во кое со МЗТ Скопје Аеродром ќе се бори за титулата.

Со тоа, клубот ја стави Битола во групата градови кои дале финалисти во домашниот шампионат во машка конкуренција.

Вториот најголем град во земјава е вкупно деветти во кој ќе се играат финални натпревари од Плеј-офот.

Најмногу екипи во сериите за титулата, очекувано, имало од Скопје – пет: Работнички, МЗТ Скопје, Вардар, Вардар Осигурување и Карпош Соколи. Само еднаш во досегашните 29. сезони (без 2019/2020 која беше прекината поради корона) се случило во финалето да нема екипа од главниот град. Таква беше ситуацијата во 2008 година кога за трофејот се бореа Фени Индустри и Струмица, а титулата ја однесе кавадаречкиот тим, имтереснов најдолгата финална серија која беше решена во максимални седум натпревари.

Покрај Скопје и Битола, финалисти имаше уште од: Кочани (Деликатес во 1994 и 1995), Велес (Жито Вардар во 1997), Гостивар (Никол Ферт во 2000), Струмица (Поло Трејд во 2003 и Струмица во 2007 и 2008), Куманово (Куманово во 2002, 2014 и 2015), Кавадарци (Фени Индустри во 2008, 2009, 2010, 2011, 2012 и потоа како Еуро Никел во 2021) и Гевгелија (Кожув во 2013 година).

Пелистер ќе се обиде да стане само шестиот македонски клуб со титула во првенството, покрај Работнички, МЗТ Скопје Аеродром, Фени Индустри, Струмица и Никол Ферт.