Денешниот ден беше последниот за тренинг на репрезентацијата „Под 20“ години пред утрешното заминување за Грузија.
И иако до првиот меч има уште три дена, во пресрет на првенството во Тбилиси, ФИБА му направи голема чест на еден од нашите репрезентативци. Станува збор за Андреј Митревски, кого го вклучи помеѓу осум кошаркари на кои треба да се обрне внимание.
„Митревски е професионален реализатор. На М16 Европското првенство во 2019 година беше втор стрелец со просек од 19 поени по натпревар. И покрај тоа што е млад, тој веќе е стандарден првотимец, стартер (и капитен н.з.) во својот тим во македонското првенство каде постигнува по 13,7 поени со што е на 31. место на листата на стрелците во шампионатот. Со неговите офанзивни способности, се очекува Митревски да биде еден од лидерите на македонската репрезентација која ќе се бори за првиот пласман во ТОП 10 во оваа конкуренција по 2015 година“ – кажува анализата на ФИБА.
Всушност, со Митревски и целата генерација 2002/03, амбициите на оваа репрезентација се нешто повисоки и одат до пласман меѓу првото и третото место што обезбедува учество во А-дивизијата идната година.
Во изминатите неколку дена Митревски не тренираше со полн интензитет. Но денеска го одработи тренингот и е подготвен за патувањето за Тбилиси.
Инаку, на списокот на ФИБА, покрај Митревски, внимание на овој турнир во главниот град на Грузија треба да се обрне уште на: Михаило Мусикиќ од Србија, Јаник Краг од Холандија, Константин Костадинов од Бугарија, Крис Хелманис од Летонија, Боби Клинтман од Шведска, Рашан Мбемба од Австрија и Лука Колчеаг од Романија.