04.08.2021

Изедначен натпревар одиграа Македонија и Грузија, но нашиот јуниорски тим подобро се снајде во финалните минути за триумф (69:66)

ФИБА „ЧЕЛЕНЏЕР“ - „ПОД 18“-МАЖИ: Јуниорите подобри финишери, за важна победа против Грузија!

Изедначен натпревар одиграа Македонија и Грузија, но во финишот, кога беше најпотребно, одигравме и најдобро. Стигнавме до голема победа, која носи уште поголема самодоверба кај нашите јуниори пред продолжението на собирот во Скопје.

МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА           69:66 (16-14; 14-16; 15-18; 24-18)

Двете тројки на Мемед, придонесоа нашата селекција да има добар почеток на вториот меч од „Челенџерот“ во Скопје. Поведовме со (9:4), потоа и со (14:7), но до истекот на првата четвртина, со две тројки на Натсвишвили, Грузија се врати, намали на (14:16).

На почетокот на втората четвртина, шутерски се „отвори“ Хот, потоа и Митревски. Го одржувавме водството, но не беше поголемо од два поени, (23:21), како на пример, во 15.минута од играта.

Во вториот дел од четвртината, и двете селекции се потешко го пронаоѓаа патот до противничкиот кош. А по 20.минути играње си поделија по 30.поени.

Во продолжението, Грузија се одвои на (41:35). А по нешто повеќе од пет минути од третата четвртина гостите имаа и највисоки (46:37), или парцијално (16-7) за 5:20 минути од четвртината, кога селекторот Василев и побара тајм-аут.

Двете тројки, прво на Наков, а потоа на Мемед, нè вратија во натпреварот. На 1:54 минута до истекот на третата четвртина имавме „минус еден“, (46:47).

По тројката на Митревски, одново бевме во водство (51:50). Но следуваа седум поени на Грузија за ново одвојување на (57:51). Но не се откажавме, нашата серија од шест поени, донесе нерешени (57:57), на 3:31 минута пред крајот на овој израмнет натпревар.  

Во третото коло од турнирот во Скопје, македонските јуниори, кои до крајот на овој турнир ќе играат без помошта на Марин Петков (повреда на скочниот зглоб), се среќаваат со селекцијата на Шпанија. Натпреварот е закажан за утре вечер од 21.часот, во СРЦ „Кале“.

А во финишот „минијатура“ на Мемед, за плус 5 (67:62), на 1:12 минути до крајот. Грузијците стигнаа до (66:67), но Наков погоди едно слободно фрлање за (68:66). Победата, прва за нашите јуниори ја потврди Митревски.

По две одиграни кола на „Челенџерот“, селекциите на Србија и на Шпанија се со максимален ефект, две победи. Хрватска е на половичен учинок (1-1), Германија има два порази.

ФИБА ЧЕЛЕНЏЕР - СКОПЈЕ - ПОД 18-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

Шпанија – Германија      84:65

Србија – Хрватска 86:82

Македонија – Грузија     69:66

ТАБЕЛА

1.Шпанија   2          2          0          158:107        4

2.Србија       2          2          0          177:160        4

3.Хрватска   2          1          1          190:163        3

4.Македонија        2          1           1          146:174          3

5.Германија            2          0          2          143:175        2

6.Грузија      2          0           2          108:143 2

ИДНО КОЛО (5.АВГУСТ)

15.00: Хрватска - Германија

18.00: Грузија - Србија

21.00: Македонија - Шпанија