17.07.2021

Трет пораз (44:75) против најдобриот тим на турнирот, шансата за прва победа ќе ја бараме на утрешната средба против Косово

ФИБА „ЧЕЛЕНЏЕР“ - СКОПЈЕ: Се што градевме во првото, загубивме во пет минути од второто полувреме против силната Словачка

Едно добро прво полувреме, и очајни пет-шест минути во третата четвртина резултираа со нов пораз на нашата женска „Под 20“ години селекција на ФИБА „Челенџер“ турнирот во Скопје.

МАКЕДОНИЈА – СЛОВАЧКА      44:75

Доста добра одбрана презентираа кошаркарките на Словачка од почетокот на натпреварот. Тешко доаѓаа до поени нашите девојки во ие уводни минути. Противникот брзо поведе со (12:3). Се доближивме до (8:12), но со пет поени по ред гостинките ја вратија позитивата на (17:8), и го натераа нашиот селектор да побара тајм-аут на 2:47 минути на истекот на првиот период, кој финишираше со сличен резултат (21:13) во корист на екипата која е без пораз на „Челенџерот“ во Скопје.

Слична беше ситуацијата „долу“ на теренот и во втората четвртина Словачка обезбеди и двоцифрено водство. Највисокото беше запишано во 15.минута (35:22).

Со шест поени во серија, одново се доближивме на -7 (28:35). А по тројката на Тасевска, тоа веќе беше и достижен минус (31:35). Тоа беше нејзиниот десетти поен во првото полувреме, а Митрева имаше 11.

Сите добри работи во финишот на втората четвртина ги поништивме на почетокот на третата. Со серија од (9-0), Словачка се одвои на (44:31) за само две и пол минути игра. Не успевавме да го погодиме кошот на противникот, Словачка имаше и плус 20 (51:31), а Димитријевиќ мораше да го потроши и втората минута за одмор и совети во третиот дел од играта.

Конечно, поентираше Секуловска, за прекин на тие наши шест „празни минути“. Тој најлош дел од натпреварот го завривме со иста негатива (38:58), односно само седум реализации за десет минути.

Толку беше отпорот на нашата селекција на овој натпревар по кој Словачка излезе како победник на турнирот со максимални четири победи во исто толку средби.

На последниот ден од турнирот во Скопје, утре навечер, од 21. часот, нашата женска младинска селекција ќе игра против Косово. Неколку часа порано, својот последен натпревар на „Челенџерот“ ќе го одиграат селекциите на Луксембург и Романија.

Без Николиќ против Словачка и Косово

Матеја Николиќ не се најде на пријавната листа за вечерашниот дуел со селекцијата на Словачка. Една од нашите најдобри кошаркарки се пожали на повреда на листот на ногата. И по дополнителните прегледи, лекарскиот тим на нашата селекција потврди дека Николиќ не е способна за настап на преостанатите натпревари.

Поради повредата, силното крило остана на само едне меч, оној потив Луксембург на кој имаше ефект од 6.поени, 9 скока и 3. асистенции.

ФИБА „ЧЕЛЕНЏЕР“ СКОПЈЕ - „ПОД 20“-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 4. КОЛО

Косово – Романија           64:80

Македонија – Словачка 44:75

ТАБЕЛА

1.Словачка     4          4          0          287:181        8

2.Луксембург 3          2          1          217:179        5

3.Романија     3          2          1          210:193        5

4.Косово          3          0          3          159:242        3

5.Македонија            3          0          3          154:232        3

ИДНО КОЛО (18.ЈУЛИ)

17.00: Луксембург – Романија

21.00: Косово - Македонија