Имавме се во своите раце. И игра, и резултат. Но и голем пад во играта пред крајот на третиот и почетокот на последниот дел. Но во продлжението од пет минути стигнавме до победата против Романија, заслужена, иако тешко реализирана, по 45.минути на теренот.
РОМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 78:79
Имавме добра прва четвртина која ја реализиравме со солидни (18:13). Но подзастанавме на почетокот на вториот период. Со серија од (10-1) Романија премина во водство (23:19).
Но тогаш на сцена стапи Виктор Исајловски. Еден од поискусните кошаркари во нашата селекција, беше творец на серијата со која се вративме назад во мечот, и ја вративме предноста. Нашето крило реализираше девет (од 12.поени на полувремето) во серија, Македонија поведе и со највисоки (32:23).

Тројките (имавме пет) беа нашиот „заштитен знак“ токму во овој период од играта, а до истекот на првото полувреме сочувавме добар дел од позитивата (37:31).
На почетокот на второто полувреме го поправивме и сегментот одбрана. Цели пет минути противникот не успеа да го погоди нашиот кош.
Од друга страна, нашите младинци влегоа во серија од (12-0) кој ги донесе до високо водство (49:31), по 25.минути игра.
И наместо да продолжиме во исто темпо, подзастанавме. Следуваше серија, но противничка, од (13-0), по која на крајот на третиот период, Романија се доближи на, и тоа како, достижни (49:54). Серијата на романците продолѓи и на почетокот на последната четвртина. Но со тројка, во вистински момент, ја прекина Наумоски, за (57:52). Но за кратко, Романците ја продолжија бескрајната серија. Стигнаа до нерешен резутат (57:57) по две и пол минути игра од четвртиот период.

Нерешено беше и на истекот на 40.минути, (67:67), откако Митевски не погоди за победа. Во продолжението, на девет секунди пред крај, го почнавме нападот за победа. При резултат (76:78), пет секунди подоцна, победата, втора на турнирот, со тројка, ни ја донесе Лука Савиќевиќ.
Интересно, прва за него од седум обиди – но победа вредна!

Утре, во истиот термин, на истото место, „Новоматик Арената“ во Шопрон, го играме третиот меч на турнирот. Противник е селекцијата на Швајцарија.