01.05.2020

Раководството на ФИБА Европа,преку видео конференциска врска, разговараше со претставниците на националните федерации

ФИБА Европа асистира во „Пост COVID 19“проектот за враќање на европската кошарка во нормала

На видео-конференцијата со која раководеше претседателот на ФИБА Европа, Тургај Демирел,со асистенција на извршниот директор, Камил Новак, учествуваше и генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски, како еден од претставниците на националните кошаркарски федерации рангирани од 17 до 32. место, кои беа вклучени во разговорите.

На отворањето на видео-сесијата, претседателот Тургај Демирел најави реализација на проект „Патоказ на патот на ФИБА Европа“, по кој што внимателно ќе се процени сегашната состојба на кошарката на Стариот континент и ќе бидат подготвени неколку упатства за враќање на европската кошарка во нормални услови на функционирање.

 

 

Овој проект за пост-COVID19 треба да биде претставен на следниот состанок на Одборот на ФИБА Европа.

„Одржан е еден доста користен, консултативен состанок со раководството на ФИБА Европа. И тоа како потребен во ситуацијата со која кошаркарскиот спорт се соочи во изминатиот период“- вели Георгиевски.

„Се разговараше на онаа, за жал, најмалку посакувана тема, последиците кои со себе ги донесе пандемијата на вирусот COVID19. Еден скрининг на актуелната состојба во секоја национална федерација, во државата. Секако актуелниот момент во федерацијата, во клубовите. Се разбира и креирање на планови, што и како понатаму. Секој од присутните ги изложи проблемите со кои се соочивме во овој период кој е зад нас, и со кои ќе се соочиме во оној кој неминовно следува. Беа изнесени голем број на предлози, голем број на корисни дискусии“.

 

Посебен акцент во видео-дискусиите е ставен и на оној пост COVID 19 период, потенцира Георгиевски.

„Имаше разговори и за тоа како понатаму по надминувањето на кризниот период. Потоа, како да се организира оној летен период во кој нема да има ФИБА натпреварувања, пред се во оној младински сегмент. Дали тоа да биде организирање на некои пријателски турнири, или одигрување на пријателски натпревари. Се со една цел, кошарката повторно да биде активирана, на начини кои реално можат да бидат и реализирани. Секако под услов да бидат запазени сите препораки на Светската здравствена организација и локалните комитети за спречување на заразата со COVID 19“- појаснува првиот оперативец во нашата федерација.