Шансата за успех во квалификациите селекцијата на Македонија ќе ја бара во ноемврискиот циклус од квалификацииге за пласман на Евробаскетот во 2022 година.
Очекувано, тоа ќе мора да го реализираме на гостински терен, во Талин, во двата претходни планирани дуели со селекциите на Естонија и на Италија.
А главниот естонски град е еден од осумте каде овој ноември ќе се игра овој „прозорец“.
ФИБА одреди групата „А“ во која се Израел, Полска, Романија и Шпанија да се игра во Валенсија. Домаќин на групата „Ц“ во која се Белгија, Чешка, Данска и Литванија е Вилнус, додека натпреварите во групата „Д“ во која „членуваат“ Хрватска, Холандија, Шведска и Турција, ќе се играат во Истанбул.
Во Еспо ќе се соберат селекциите од групата „Е“, Швајцарија, Србија, Грузија и домаќинот Финска, а во истиот период во Љубљана место на ЕП ќе бараат претставниците од групата „Ф“ (Австрија, Унгарија, Украина и Словенија).
Групата „Г“ составена од Франција, Германија, Велика Британија и Црна Гора ќе игра во По, додека пак групата „Х“ во која се БиХ, Бугарија, Грција и Летонија ќе игра во Сараево.
Во женска конкуренција познати се шест организатори на т.н. „балони“, а уште три, (две од нив се составени од три селекции), ќе бидат одредени дополнително.
Групата „А“ ќе се игра во Ираклион (Грција), групата „Ц“ во Сараево (БиХ), групата „Е“ во Истанбул (Турција), групата „Д“ во Одивелас (Португалија), Групата „Х“ во Амстердам (Холандија), и „нашата“ група „И“, во Рига, каде во улога на организатор-домаќин е Летонија.
ФИБА Европа ги определи и градовите домаќини на претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2023.
Групата „А“ во која се Албанија, Белорусија, Кипар и Португалија, ќе разигрува во Матошинос (Португалија), а групата „Б“ составена од Исланд, Косово, Луксембург и Словачка ќе игра во главниот словачки град – Братислава.