10.04.2020

ФИБА Европа ќе ги доигра и другите натпреварувања

Со промена на системот и календарот за натпреварување, ќе бидат доиграни и другите три натпреварувања во организација на европската зона на Светската кошаркарска федерација.

 

Клупските натпреварувања во организација на ФИБА Европа нема да бидат суспендирани. Напротив на Бордот на ФИБА Европа, беше одлучено да се направат промени во системот и во календарот за натпреварување, со што им се дава шанса на трите натпреварувања, ФИБА Евро Куп-мажи, Евролига-жени и ФИБА Еврокуп-жени, да бидат затворени на регуларен начин.

Бордот на ФИБА Европа се согласи дека најдобра можност за затворање на овие натпреварувања е одигрување на завршни турнири во сите натпреварувања.

Завршницата би се одиграла во текот на септември и/или во октомври, во различен формат.

Односно „Финални 4“ за ФИБА Евро Куп-мажи, „Финални 8“ за Евролига-жени и „Финални 8“ за ФИБА Евро Куп-жени.

Секој од овие турнири ќе биде реализиран во една дестинација-град.

За таа цел, ФИБА Европа ќе ги консултира сите клубови, национални федерации, но и УЛЕБ за да се најде заедничко решение пред одржување на следниот состанок на Бордот предвиден за мај 2020 година.

Претходно, ФИБА Европа одлучи дека завршницата во ФИБА Лигата на Шампионите ќе биде реализиран со организација на завршен турниер на осумте најдобри екипи кој би се играл преку систем на елиминации, четвртфинале-полуфинале-финале, а ќе се одржи во периодот од 30. септември до 4. октомври 2020 година.