Бордот на ФИБА Европа ја информираше нашата федерација за одлуката, вториот квалификациски турнир од „Б“ групата за пласман на Евробаскетот 2022 година, да се игра во Перм. Односно во улога на домаќин да биде Руската кошаркарска федерација.
Според одлуката на Бордот на ФИБА Европа, натпреварите ќе се одржат во периодот од 19. до 21. февруари, 2021 година, во Арената „Молотов“ во Перм.
А согласно со првичниот календар за натпреварување во групата „Б“, на 19. февруари треба да се играат натпреварите Македонија-Русија, односно Италија-Естонија. На 21. февруари пак се закажани мечевите Македонија–Италија, односно Русија-Естонија.
Во очекување на одлуката на надлежната комисија, околу новите термини за одигрување на двете одложени средби на нашиот сениорски национален тим, против Италија, односно Естонија, од канцеларијата на ФИБА Европа посакуваат, сите национални тимови вклучени во квалификациите за Евробаскетот 2022 да го дочекаат наредниот февруарски „прозорец“ во добро здравје и состојба.