Седум судии и двајца технички делегати ќе бидат меѓу официјалните лица на „балонот“ кој од 28. до 30. ноември во Талин ќе биде реализиран од страна на ФИБА.
Од седиштето во Минхен, нашата федерација е информирана дека на турнирот во главниот град на Естонија ќе судат следниве судии:
Антонио Конде (Шпанија), Мартин Хорозов (Бугарија), Апостолос Каплакас (Шведска), Петр Хруса (Чешка), Дариус Заполски (Полска), Мартинс Козловскис и Андрис Анкрогерс (Летонија).
Технички делегати на турнирот кој ќе се игра во салата „Саку Сурхал“ во Талин се: Раса Луимиене (Литванија) и Андреј Јелен (Словенија).
Според програмата во групата„Б“ од квалификациите за Евробаскетот 2022 година, на 28. ноември, Македонија ќе игра против селекцијата на Италија. Два дена подоцна, на 30. ноември, избраниците на селекторот Александар Тодоров ги очекува и дуелот против селекцијата-домаќин, Естонија.