14.12.2020

Два „балони“, односно две квалификациски групи ќе се играат во Рига во исто време

ФИБА ги потврди градовите-домаќини во февруарскиот „прозорец“

Светската кошаркарска федерација ги утврди градовите-домаќини во следниот натпреварувачки циклус за пласман на завршниот турнир од женскиот Евробаскет во 2021 година.

Поточно кажано, канцеларијата на ФИБА ги дополни оние празни места во две квалификациски групи каде немаше поставено град-организатор.

Слично како и во ноемврискиот циклус, два квалификациски турнири ќе се играат во Истанбул (групите „Д“ и „Ф“), и во Рига, каде од порано беше познато дека ќе разигрува и нашиот женски сениорски тим.

Покрај мечевите од нашата група „И“, во главниот град на Летонија ќе се играат и последните мечеви од групата „Ф“ во која се Белорусија, Велика Британија и Полска.

За потсетување, нашите девојки ги очекуваат уште два натпревари во „балонот“ во Рига.

На 4. февруари, 2021 година, играме против селекцијата-домаќин, Летонија, а два дена подоцна, на 6. февруари, следува и дуелот со репрезентацијата на Хрватска.