08.12.2020

Во рок од шест дена, нашиот најдобар тим треба да одигра четири натпревари во квалификациите

ФИБА го скрои календарот за февруарскиот „прозорец“: Македонија ќе игра на „мини“ Евробаскет во Перм

Машката сениорска репрезентација на Македонија ќе има исклучително тешка задача да се избори за пласман на наредниот Евробаскет кој во 2022 година ќе се одржи во четири различни земји.

Имено, европската зона на ФИБА на последната седница на Бордот го обнови календарот за февруарскиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022.

Истиот е далеку од идеален за нашиот национален состав.

Имено, во рок од пет дена, избраниот тим на селекторот Александар Тодоров ќе треба да одигра четири натпревари. Кој од кој позначајни околу конечниот пласман во групата „Б“ од квалификациите за еврошампионатот.

Првиот натпревар во „балонот“ во Перм нашите најдобри кошаркари ќе треба да го одиграат на 18. февруари, 2021 година, против селекцијата на Италија. Односно еден ден пред официјалниот почеток на овој трет дел од квалификациите.

Ден подоцна, на 19. февруари, Македонија ја чека дуелот со домаќинот на овој собир, селекцијата на Русија.

20. февруари е предвиден како слободен ден на турнирот во Перм.

На 21. февруари, следува вториот меч против соодветната селекција на Италија, додека можеби и најважниот натпревар за нашиот национален тим е закажан за 22. февруари, откако претходно својот натпревар ќе го одиграат репрезентациите на Естонија и на Русија.

Поедноставно кажано, во Перм, Македонија ќе биде дел од еден вистински „мини“ Евробаскет, и ќе одигра и во вистинска смисла на зборот, еден турнир.

Или два натпревари со селекцијата на Италија, која е „надвор од конкуренција“ со оглед на тоа дека е еден од домаќините на наредниот собир на најдобрите европски репрезентации.

Една против организаторот на турнирот, Русија, како и онаа последната, која во овој момент е и најважната за „црвено-жолтите“ против Естонија, домаќинот на претходниот „балон“, на кој поради проблеми со корона вирусот, не одигравме ниту еден од предвидените два натпревари.

Освен тоа, ФИБА даде приоритет на федерацијата-домаќин да ја одреди и сатницата на одигрување на сите натпревари во „балонот“ кој ќе се игра во Арената „Молотов“ во Перм.

Со забелешка дека временското „растојание“ помеѓу одигрување на два натпревари, е три часа.

Овие детали ќе бидат познати најдоцна до 16. јануари, 2021 година, како што тоа го налага протоколот на ФИБА доставен до организаторот на третиот „прозорец“, и учесниците на завршниот квалификациски турнир.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА ТУРНИРОТ ВО ПЕРМ

18. ФЕВРУАРИ:

Италија – МАКЕДОНИЈА

19. ФЕВРУАРИ:

Италија – Естонија

МАКЕДОНИЈА – Русија

21.ФЕВРУАРИ:

МАКЕДОНИЈА – Италија

Русија - Естонија

22. ФЕВРУАРИ:

Естонија - МАКЕДОНИЈА