Андреас Заглис, генералниот секретар на ФИБА, во „Kуќата на кошарката Патрик Бауман“ во Мие, го пречека Александар Чеферин, претседателот на УЕФА.
Водечките луѓе на овие меѓународни организации на двата најпопуларни спорта, ја нагласија посветеноста на заштита на европскиот модел на спорт, актуелизирана со најавите на сопствените на пооделни клубови за формирање на затворена, елитна, приватна лига, налик на кошаркарската Евролига која со години директно го загрозува спортскиот модел на Стариот континент кој се темели на домашните шампионати.
„УЕФА и ФИБА ги делат заедничките вредности, засновани на солидарност и отворени натпреварувања“- рече Чеферин при посетата на седиштето на ФИБА.
Домаќинот на состанокот, Андреас Заглис укажана на следното:
„Партнерството помеѓу УЕФА и ФИБА е долгогодишно, ние сме многу повеќе од обични соседи. Горди сме што делиме исти вредности и заедно работиме на нивно промовирање“.
Чеферин и Заглис исто така разговараа и за предизвиците на нивните спортови во организирање на меѓународни натпреварувања, како и за потенцијалите на фудбалот и на кошарката да му помогнат на општеството за да се опорави од глобалната пандемија.
„Беше корисно да се разменат мислења за моменталната, доста сложена ситуација и да се разговара за позитивната улога која спортот ја има во помагањето на заедниците да се вратат во нормала“ - рече Чеферин.
Гостувањето на првиот човек на УЕФА, инаку голем љубител на кошарката, беше прилика и да ја види изложбата во „Куќата на кошарката“ каде се наоѓаат бројни реликвии од кошаркарската историја. Меѓу нив е и дресот на Горан Драгич од финалето на Европското првенство, во кое Словенија го освои златниот медал.