14.08.2020

„ОАКА“ Арената и главниот град на Грција ги исполнуваат сите услови за организација на финалниот турнир

ФИБА ќе одлучи наскоро: Лигата на Шампионите во Атина, Анкара како втора опција?

Атина, односно „ОАКА“ Арената важат како главни кандидати за добивање на организацијата на финалниот турнир од ФИБА Лигата на Шампионите.

Се очекува многу скоро менаџментот на ЛШ да ја донесе и конечната одлука како да биде продолжено ова натпреварување кое беше прекинато поради пандемијата предизвикана од корона вирусот.

Многу извесно е дека Атина ќе ги дочека најдобрите осум екипи од најквалитетното натпреварување организирано од страна на ФИБА.

А најчесто разгледуваните термини се оние во периодот од 28.септември до 4.октомври.

„ОАКА“ Арената и Атина веќе беа во една таква улога на организатори на завршниот турнир во 2018 година.

А освен тоа, како главна предност е фактот дека во Грција постои можност овој турнир да се игра и со присуство на публика, секако, со добивање на „зелено светло“ од страна на надлежните здравствени и безбедносни органи во оваа земја.

Секако тоа со ограничен број, согласно со локалните протоколи за спорт.

А во случај тоа да не биде изводливо, како втора опција, и кандидат за организација на „Фајнал 8“ се појавува Анкара, односно Турк Телеком.

Од овој клуб изразиле подготвеност за добивање на организацијата, а таа нивна желба е комплетирана и со неколку атрактивни трансфер-потписи.

ФИБА Лигата на Шампионите беше прекината по одигрувањето на првите две кола од ТОП 16 фазата.