За прв пат во својата кратка историја на постоење, екипата на Сан Пабло Бургос стигна до првиот голем европски успех.
Во големото финале на ФИБА Лигата на Шампионите, во Атина, беа подобри од домаќинот на турнирот, екипата на АЕК.
Победија со сигурни (85:74) и го освоија големиот пехар, оној кој го доделува ФИБА.
Одлично прво полувреме, или подобро кажано, втора четвртина, одиграа кошаркарите на Сан Пабло Бургос.
Ако во првиот период домаќините доминираа и водеа со двоцифрена предност (24:14), работите се сменија во целост во вториот.
Фантастичен увод во втората четвртина имаше најискусниот играч во шпанскиот тим, Омар Кук. Американскиот бек „спои“ четири точни удари за три поени и го најави големиот пресврт, и во играта, а особено во резултатот. Секако во корист на дебитантот во едно големо европско финале.
До полувремето, на теренот постоеше само една екипа, Сан Пабло Бургос која на одморот замина со убедливи (49:36).
Односно со помош на 12 поени кои дојдоа од Кук, девет од Мекфејден и осум од Нортон, од негатива од десет поени, стигнаа до висок плус од 13.поени.
Во продолжението од играта, Сан Пабло Бургос имаше предност и повеќе од 20.поени, кои успешно ги сочуваа до крајот. Доволно за големо славење кое го креираше двоцифрената петорка: Тед Мекфејден даде 18.поени и беше прогласен за МВП, Кук (15), Сако (12), а Ренфро и Бените по 11 поени.
Двоен број на поени во домашниот тим имаа само Тајрис Рајс, кој постигна 17, и Кејт Ленгфорд уште 11. поени.
Претходно, во натпреварот за третото место на завршниот турнир, екипата на Дижон беше подобра од Сарагоса, славеше со (70:65).