Шпанскиот град Малага ја доби довербата на ФИБА да биде во улога на организатор на финалниот турнир од Лигата на Шампионите.
Новиот европски шампион ќе биде крунисан на турнирот кој ќе се игра во периодот од 12. до 14. мај.
Шанса да стигнат до драгоцениот трофеј, еден од најважните во европската клупска кошарка ќе имаат, домаќинот на овој завршен турнир, Уникаха, потоа уште еден шпански клуб – Тенерифе, Хапоел од Ерусалим, кој го предводи поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ, и германскиот Телеком Бон, каде прв адут е македонскиот репрезентативец – Ти-Џеј Шортс.
Ждрепката за полуфиналните двојки ќе биде реализирана на 25.април, во „Коста дел Сол“ во Малага. Двата полуфинални натпревари ќе се играат на 12. мај, а натпреварот за третото место и големото финале на 14.мај.
Инаку, „Фајнал-фор“ турнирот ќе се игра во добро познатата палата на спортови „Жозе Мариа Мартин Карпена“, најголемата на просторот во јужна Шпанија, со капацитет од 11.30 седишта.