Кошаркарите на ТФТ одиграа уште еден, за нив историски натпревар. Втора година по ред „излегоа“ во Европа. Сега се „пробаа“ како домаќини да направат исчекор кон Европа.
Но во првото коло од квалификацискиот турнир кој стартуваше денеска во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, наидоа на доста поквалитетен и подобар противник, Кемниц.
Германскиот претставник ја оправда улогата на фаворит, и уште во четвртфиналето го запре домаќинот на собирот од кој најдобриот ќе игра во групната фаза на ФИБА Лигата на шампионите.
ТФТ – КЕМНИЦ 77:96
Германскиот состав, каде еден од асистентите во стручниот тим е и македонскиот тренер Ѓорѓи Кочов, уште во првиот период воспостави доминација во играта и имаше контрола над резултатот. Брзо стигнаа Германците до двоцифрен плус, кој знаеше да биде и поголем од 20. поени. Но и да „падне“ на едноцифрен.
Но се чини дека во овој момент доста реновираниот состав на „црно-белите“ од Тафталиџе даде некој свој максимум. А Лаклан Андерсон потврди дека ќе биде оној „стариот“, потребен на новиот тим кој го креира тренерот Боро Смилковски за сезоната која за нив стартуваше вечерва во овој втор меч од четвртфиналето на квалификациите во Скопје.
Во оној првиот, романскиот Волунтари славеше триумф над британскиот Лестер (70:61).
Па во полуфиналето, кое е на програмата во петок, од 18.часот ќе играат токму Волунтари и турскиот Тофаш, а три часа подоцна, од 21.часот, за место во финалето и потоа кон фазата по групи во најквалитетното натпреварување на ФИБА, ќе разигруваат Кемниц и швајцарскиот Оилимпик Фрибург.
На првиот европски натпревар во оваа сезона, кај ТФТ, Андерсон застана на бројката од 27.реализации (плус и шест скока), додека по 11 имаа Страхил Николов и еден од новаците во тимот, Трент Бутрик.
КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР - СКОПЈЕ
РЕЗУЛТАТИ - ЧЕТВРТФИНАЛЕ
Лестер – Волунтари 61:70
ТФТ – Кемниц 77:96
ПОЛУФИНАЛЕ
23.СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)
18.00: Тофаш – Волунтари (1)
21.00: Олимпик Фрибург – Кемниц (2)
ФИНАЛЕ
25.СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
20.00: Победник-полуфинале 1 – Победник-полуфинале 2