По забрзан ритам се играат натпреварите во ФИБА Лигата на шампионите. Во текот на оваа работна недела некои од клубовите, меѓу нив и Касадемонт Сарагоса на нашиот репрезентативец Џејкоб Вајли, мораше да одиграат и два натпревари.
На овој вечерашниот, против чешкиот Нимбурк, шпанскиот состав имаше императив на победа. И одговори на предизвикот, победи со повеќе од убедливи (90:71).
Имаше екипата од Сарагоса одлично второ полувреме во кое го скрши отпорот на Чесите. Стигна до целта – победата, која на коло пред крајот ги носи на завршниот турнир од ФИБА Лигата на Шампионите.
А што е поважно, Џејкоб Вајли беше првото поентерско име во домашната екипа. Откако во првото полувреме за 11.минути реализираше 12.поени, силното крило на Сарагоса продолжи во ист стил и во второто.
Дотурка до 22.реализирани поени, со одлична реализација во шутот од поле (11/15 за два поени), плус и десет скока, една асистензија за 27:14 минути во игра. Доволно за 30.индексни поени, најмногу во екипата-победник.
По пет одиграни мечеви во групата „Л“, сега Касадемонт Сарагоса има ефект од четири победи и еден пораз, што е недостижно за конкуренцијата, екипите на Динамо Сасари и Бросе Баскет
Во последното коло од ТОП 16 групна фаза, Шпанците имаат гостување во Чешка, против вечерашниот противник, за потврда на првата позиција во групата.