02.10.2020

Сан Пабло Бургос беше убедлив против Дижон (81:67), а АЕК уште поубедлив против Сарагоса (99:75)

ФИБА ЛИГА НА ШАМПИОНИ: За пехарот ќе се борат Бургос и АЕК

Кошаркарите на АЕК ја искористија предноста која им ја носи играњето на домашен терен, и со победата над Сарагоса од (99:75) се пласираа во големото финале од ФИБА Лигата на Шампионите.

Најискусните во редовите на „жолто-црните“ од Атина, Мет Лоџески и Кејт Ленгфорд, ја направија убедливата разлика уште во првото полувреме. По 20 минути од играта, АЕК се стекна со високи (53:32), а неговиот ударен бековски тандем комбинирано реализираше 21.поен до одморот. На другата страна, премногу осамен беше Ди-Џеј Сили кој даде 13, од оние 32. поени за Сарагоса.

Во продолжението од мечот во „ОАКА“ арената, „се отворија“ плејмејкерите на атинскиот тим. Никос Зизис и Тајрис Рајс го разиграа и другиот дел од екипата. Од минута во минута, предноста на грчкиот претставник растеше. Во 30.минута беше и 30.поени, (83:53), па нивниот тренер можеше да ги одмори стартерите и да ги подготвува за финалната пресметка.

А по трет пат во четирите сезони од ФИБА Лигата на Шампионите, еден тим од Шпанија ќе се бори за шампионскиот пехар. Сан Пабло Бургос стигна до своето прво меѓународно финале во историјата на постоењето на клубот од „Ендеса“ Лигата, откако го совлада францускиот Дижон.

Во првото полуфинале на турнирот во „ОАКА“ Арената, беа подобар противник, славеа со убедливи (81:67)

Капитенот на шпанскиот состав, Витор Бените беше прво име во екипата која стана финалист. По одличниот почеток (осум поени во серија) имаше и уште подобра завршница. Бразилецот го заврши мечот со 25.поени (10/16 во шутот од поле), и заедно со Кен Нортон и неговиот импресивен дабл-дабл од 19.поени и 10. скока, беа творци на големиот успех.

Големото финале на „финалните осум“ во Атина е закажано за недела, од 19.часот. Претходно во борба за третото место ќе се сретнат екипите на Дижон и на Сарагоса.

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД

ПОЛУФИНАЛЕ

Бургос – Дижон               81:67

АЕК – Сарагоса                99:75

4. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

ЗА ТРЕТО МЕСТО

16.00: Дижон – Сарагоса

ФИНАЛЕ

19.00: Бургос - АЕК