26.10.2020

Првиот натпревар на турнирот во Талин, против Италија, наместо на 27. ноември, ќе го играме ден подоцна...

ФИБА направи промени во календарот за ноемврискиот „прозорец“

Неколку денови по објавувањето на градовите-домаќини на претстојните ноемвриски квалификции за пласман на Евробаскетот 2022 година, канцеларијата на ФИБА го објави и изменетиот календар за одигрување на наредните мечеви.

А промени во календарот има и во „Б“ квалификациската група, каде настапува нашата машка сениорска репрезентација.

Наместо првобитно најавениот термин, 27. ноември, нашиот национален тим својот прв меч во овој квалификациски циклус, против Италија, ќе го одигра ден подоцна, на 28. ноември.

Истиот ден, ќе играат и селекциите на Естонија и Русија, а сатнината за одигрување на сите натпревари на турнирот во Талин ќе бидат објавени подоцна, во договор со организаторот на турнирот.

Два дена подоцна, на 30. ноември, Македонија ќе игра против домаќинот на „балонот“, селекцијата на Естонија, додека пак Русија ќе игра против Италија.

Промени во календарот ќе има и во оној женски сегмент од квалификациите за Евробаскетот.

Во рок од три дена, нашите најдобри кошаркарки ќе одиграат два натпревари на турнирот во Рига.

Прво, на 12. ноември, против селекцијата на Хрватска, а два дена подоцна, на 14. ноември, ќе играме и против репрезентацијата на Германија.

Организаторот на овој турнир наскоро ќе ги објави и сатнините на одигрување на овие четири натпревари од групата „И“ во квалификациите за ЕП.