11.04.2020

ФИБА: Направивме балансиран распоред на врвни настани

Генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис изрази благодарност до националните федерации на соработката при консултациите околу измените во календарот на големите натпреварувања...

 

Извршниот комитет на ФИБА на видео состанок одлучи да направи неколку важни измени во календарот за големите натпреварувања. Пред сè олимписките квалификации, како и датумот на одигрување на наредниот Евробаскет.

„Многу сум задоволен што во времето на предизвици ФИБА успеа брзо да ги спроведе консултациите и да го потврди ажурираниот календар на сениорските натпреварувања, само две недели после објавата на ИОК за новиот датум на Олимписките игри. Претседателот и јас сме им благодарни на националните федерации од сите зони и сите останати странки на исклучителната соработка“- истакна Заглис.

 

Генералниот секретар на ФИБА потенцира дека при одлучувањето се водело сметка календарот да задоволи повеќе критериуми.

„Новиот календар на големите настани на ФИБА ја задржа атрактивноста за навивачите, постигнавме балансиран распоред на врвни настани, притоа водејќи сметка за добробит и достапност на играчите. Се радувам на денот кога кошаркарската заедница ќе може повторно да се врати на теренот“.

 

Извршниот комитет на ФИБА секојдневно ќе ја следи ситуацијата поврзаната со епидемијата на коронавирусот и ќе ги проценува можностите за симнување на суспензиите на ФИБА натпреварувањата кога ситуацијата ќе го дозволи тоа.